ПРЕМИЕРА: Ford го воскресна Bronco! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ford го воскресна Bronco!

Едно од најславните имиња во историјата на Ford – барем во Америка – се враќа, и тоа на спектакуларен начин!

Новиот Ford Bronco храбро кажува дека е инспириран од легендарниот теренец на Ford и дека е тука за да понуди нов избор во својот сегмент. Токму затоа ќе се нуди со две или четири врати, со цврст или мек кров и со мал милион други опции за персонализација. А секако – и теренските способности на Bronco би требало да се врвни.

Според Ford, новиот Bronco е одвоен цели 294 милиметри од подлогата и може да помине низ вода длабока 851 милиметар. Аголот на „прекршување“ е 29 степени, додека аголот на пристапување е 37.2 степени – а Bronco сето тоа го постигнува делумно благодарение на огромните, 35-инчни теренски гуми. Bronco добива и врати без рамки кои ќе бидат лесни за вадење, а верзијата со четири врати дури има и засебен простор за складирање на вратите во самиот автомобил. Верзијата со две врати добива цврст кров, додека поголемиот Bronco добива покрив со четири засебни елементи кои можат да бидат цврсти или меки. Секако, купувачите имаат и многу можности за персонализација – различни видови на врати, различни видови на браници, предни маски, LED светла, додатоци на крилата, итн…

Bronco – барем во Америка – ќе биде достапен со 2.3-литарски EcoBoost турбо-бензинец кој испорачува 270 коњски сили и 420 Nm вртежен момент, или пак 2.7-литарски V6 бензинец со 310 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Не е потврдено, но не би биле изненадени доколку понатаму Ford одлучи да понуди и помоќен V6 EcoBoost мотор, или пак можеби дури и V8. Моторите ќе можат да се комбинираат со 7-брзински мануелен или 10-брзински автоматски менувач, а ќе бидат достапни и два различи 4х4 системи. Кај Bronco дебитира и новиот G.O.A.T. систем за теренско возење. Името означува Goes Over Any Terrain,  а ќе има неколку различни режими за возење – Normal, Eco, Sport, Slippery, Sand, Baja, Mud/Ruts и Rock Crawl.

Кај Bronco дебитираат и новите Trail Toolbox технологии – Trail Control (нешто како темпомат, но за теренско возење), Trail Turn Assist кој го намалува радиусот на вртење, One Pedal Drive за полесно качување по камења, итн.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Ford Capri се враќа во форма на електричен купе-SUV

Интересен е пристапот на Ford и во кабината. Инструментите се јасни и лесни за користење, а во кабината има неколку места за кои патниците ќе можат да се држат при поекстремни теренски авантури. Дополнително, од Ford кажуваат дека „кабината е отпорна на временските услови“ – односно дека подот е гумен со одводи за вода, а прекинувачите, тапацирите и слично се водоотпорни. Интересен новитет е новиот панел за поставување различни уреди – телефони, камери и слично – поставен над предната конзола. Одлично решение!

Сега за сега не е потврдено дали Ford воопшто ќе го понуди новиот Bronco во Европа – но искрено се надеваме дека ќе одлучат да го направат тоа!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.