full screen background image
Search

KIA подготви значително освежување за компактниот Rio!

KIA подготви сериозно освежување за Rio – компактниот хечбек добива грст нови технологии, лајт-хибриден погон, како и неколку визуелни затегнувања.

Ајде да започнеме со екстериерот. Освеженото Rio добива редизајнирана, заострена предна маска, понизок браник со поголеми отвори за воздух и нови светла за магла, како и нови предни LED светлосни групи со интегрирани дневни светла. Измените на задниот дел се подискретни – но ќе препознаете ситни разлики на задниот браник, како и суптилно изменета графика на задните светла. Меѓу другото, KIA подготви и две нови бои – Perennial Grey и Sporty Blue, како и нови дизајни за 16-инчните тркала.

Кабината добива значително освежување во форма на нови материјали, нови бои, како и нови технологии. Централното место му припаѓа на новиот, 8-инчен мултимедијален уред, како и 4.2-инчниот дигитален дисплеј поставен меѓу инструментите. Инфозабавниот уред доаѓа со Apple CarPlay и Android Auto функционалности.

Интересен новитет е лајт-хибридниот погон со кој сега ќе може да се нарача Rio. KIA го нарекува новиот погон EcoDynamics+ и во него го комбинира новиот Smartstream 1-литарски T-GDI турбо-бензинец со 48-волтен MHEV систем кој овозможува подобра ефикасност. Бензинецот испорачува 100 или 120 коњски сили, но помоќната верзија сега испорачува дури 200 Nm вртежен момент, а според KIA, новиот погон би требало да е поефикасен за меѓу 8.1 и 10.7 проценти. Rio EcoDynamics+ добива и нов Intelligent Manual Transmission (IMT) менувач.

Секако, во понудата останува 1.2-литарскиот атмосферец со 84 коњски сили, како и обичниот 1-литарски T-GDI со 100 коњски сили. Атмосферецот ќе се нуди само со мануелен менувач, додека турбо-бензинецот ќе може да се добие со мануелен или со 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка.

Поврзано:   Новиот KIA Sorento ги елиминира слепите точки преку дигиталната табла со инструменти!

На технолошкиот фронт, KIA Rio ги добива најновите системи за асистенција во возењето кои корејскиот производител ги нуди – Forward Collision Avoidance Assist систем кој препознава возачи, велосипедисти и пешаци, Lane Keeping Assist, Driver Attention Warning… Меѓу другото, ќе можете да нарачате и систем за следење на слепата точка, предупредување за ограничување на максималната брзина, адаптивен темпомат, итн.

Продажбата се очекува да започне во третата четвртина од оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.