full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW ја претстави освежената Серија 5!

Со затегнати линии и многу нови технологии, BMW подготви значително освежување за Серијата 5!

Измените – очекувано – започнуваат на екстериерот. Препознаваме нови, потенки светла (кои сега стандардно ќе бидат Adaptive LED, a по нарачка ќе можат да се добијат LaserLight светла), како и редизајнирани дневни светла кои истовремено функционираат и како трепкачи. На задниот дел препознаваме модернизирани и потемни задни светла, редизајниран браник и нови завршетоци на издувниот систем. Профилот останува ист – но серијата 5 веќе изгледа динамично. Секако, нови браници добива и M-Sport изведбата – кои имаат поголеми отвори за воздух, а препознаваме и нов заден спојлер интегриран во поклопецот од багажникот, како и нов заден дифузер.

Кабината го добива најновиот iDrive систем со 12.3-инчен екран на централната конзола. Новиот iDrive доаѓа со навигација, како и Apple CarPlay и Android Auto функционалности. Нови и се и дигиталните инструменти пред возачот, исто така поставени на 12.3-инчен дисплеј.

Новата Серија 5 добива и лајт-хибридна технологија со 48-волтен стартер-генератор кој нуди подобри перформанси и подобрена ефикасност. Овој систем ќе биде стандарден кај сите модели со мотори со четири и шест цилиндри. Енергијата ќе се складира при кочење или при отпуштање на педалата за гас, а ќе се користи за да се обезбеди дополнителна енергија за светлата, управувањето, итн – но и за да понуди дополнитена моќност (11 коњски сили) во возењето.

Во однос на понудата на мотори – и понатаму ќе бидат достапни добро-познатите турбо-бензински и турбодизел мотори, како и освежениот 530e плаг-ин хибрид. Основниот бензинец е 520i со 184 коњски сили, додека на самиот врв на понудата е M550i xDrive со V8, 530 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. Дизелската понуда започнува со 520d со 190 коњски сили, а на самиот врв е 540d со 340 коњски сили. Хибридниот 530e комбинира 2-литарски турбо-бензинец со електромотор за да испорача вкупно 292 коњски сили и 420 Nm вртежен момент.

Поврзано:   Неделно Кино: Битка на спортските седани и купеа!

Секако, освежената Серија 5 ќе биде достапна и во караванска Touring изведба, а достапни се истите погонски единици како кај седанот. Нарачките за освежената Серија 5 се веќе отворени.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.