Иако веќе знаеме како ќе изгледа новиот Sorento, KIA денес и официјално ги потврди спецификациите на новиот, голем SUV.
Луѓето од KIA се навистина убедени во талентите на новиот Sorento – всушност, кажуваат дека четвртата генерација на најголемиот SUV на Kia е дизајнирана да одговори на сите предизвици.
Дизајнот на Sorento е најсвежата еволуција на дизајнерскиот пристап на KIA. На предниот дел доминира препознатливата „тигар“ маска на корејскиот бренд, но во облик кој се обвиткува околу светлата од секоја страна. Светлата се со LED технологија и дополнително го истакнуваат дизајнот. Новиот Sorento е и поширок, па пропорциите се прилагодени за да се истакне и зголемената должина – Sorento е 10 милиметри подолг, но меѓуоскиното растојание е зголемено за импресивни 35 милиметри. Сè на сè – новиот Sorento изгледа моќно и достоинствено.
Прогресивен е пристапот и во кабината, па ентериерот на новиот Sorento е чекор нанапред во однос на квалитетот и дизајнот. Според KIA, хај-тек кабината на Sorento е изработена од материјали со врвен квалтиет, а истовремено воведува и софистициран дизајн и напредни технологии. Дизајнот ебазиран на нови дигитални дисплеи – првиот е со дијагонала од 12.3 инчи и е поставен пред возачот, а вториот е со дијагонала од 10.25 инчи и е поставен на централната конзола. Дополнително, може да се добие систем за амбиентално осветлување, безжично полнење, Bose аудио уред и многу, многу повеќе.
Како што веќе пишувавме, Sorento добива и нов, хибриден Smartstream погон кој комбинира 1.6-литарски T-GDI турбо-бензинец со електромотор со моќност од 44.2 kW и батерија со капацитет од 1.49 kWh. Вкупната, системска моќност е 230 коњски сили и 350 Nm вртежен момент.
Sorento ќе добие и нов, четири-цилиндерски турбодизел кој испорачува 202 коњски сили и 440 Nm вртежен момент. Новиот мотор користи алуминиумски блок, со што е полесен за цели 38 килограми во однос на моторот во минатата генерација на големиот SUV. Овој мотор ќе се комбинира со 8-брзински менувач со двојна спојка. Обете погонски изведби ќе понудат одлични перформанси и врвна економичност.
Секако, Sorento ќе ги добие и сите најнови безбедносни технологии кои KIA ги нуди – од системи за спречување предни незгоди, до систем за следење на слепата точка, систем за следење на коловозната лента, интелигентно ограничување на максималната брзина, паметен темпомат, итн… На пример, системот за задржување во лента работи помеѓу брзина од 0 и 180 километри на час, и користи сензори од камера и радари за да одржува безбедно растојание од автомобилот пред себе, додека ги следи ознаките на патот за да го задржи Sorento во центарот на својата лента.
Ова е и прва Kia достапна во Европа со новата Remote Smart Parking Assist (RSPA) на компанијата, која им овозможува на возачите автономно да го движат автомобилот надвор од предниот и задниот простор за паркирање оддалечени преку нивниот клуч. Ова е дизајнирано за да им овозможи полесно на патниците да влезат и излегуваат од автомобилот во тесни места за паркирање, или ако друг возач паркира премногу блиску.
Sorento за европскиот пазар ќе се произведува во фабриката на KIA во Хвасунг, Јужна Кореја. Нарачките ќе бидат отворени кон крајот на годината.