ПРЕМИЕРА: BMW го претстави плаг-ин хибридниот X2 xDrive25e – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW го претстави плаг-ин хибридниот X2 xDrive25e

Плаг-ин хибридната изведба на BMW X2 ја носи ознаката xDrive25e и ќе може да помине до 57 километри на електрична енергија.

Плаг-ин хибридниот SUV комбинира 1.5-литарски турбо-бензинец кој испорачува 125 коњски сили и 220 Nm вртежен момент со електромотор кој испорачува дополнителни 95 коњски сили и 165 Nm вртежен момент, како и литиум-јонска батерија со капацитет од 10 kWh. Ова е истиот погон кој беше претставен при освежувањето на BMW X1.

Резултат на сето тоа? Вкупна, системска моќност од 220 коњски сили и 385 Nm вртежен момент – сосем доволно за плаг-ин хибридниот X2 да може да забрза до 100 километри на час за само 6.8 секунди и да постигне максимална брзина од 195 километри на час. Погонот овозможува автономија на електрична енергија од 57 километри, како и максимална брзина од 135 километри на час кога се вози „на струја“.

Според BMW, полнењето на батеријата во домашни услови би требало да трае околу 5 часа, односно 3.2 часа доколку имате BMW i Wallbox полнач. Секако, можете да ги користите и јавно-достапните полначи.

Силата од бензинецот се пренесува кон предните тркала преку шест-степен Steptronic автоматски менувач, додека силата од електромоторот иде кон задните тркала. Сето ова би требало да понуди забавно и агилно возење, како и исклучителна економичност – според WLTP мерењата, потрошувачката на бензин може да биде само 1.9 литри на 100 изминати километри.

Ние веќе имавме можност да го возиме X2, опремен со турбодизел и многу, многу опрема. Погледнете го нашиот тест.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.