ТЕСТ: BMW X2 xDrive 20d M-Sport – Урбан X! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: BMW X2 xDrive 20d M-Sport – Урбан X!

Дали новиот BMW X2 совршено ги отсликува потребите и барањата на купувачите кои сакаат компактен, несекојдневен и тренди SUV? Поминавме еден викенд и неколку стотици километри токму со X2 за да го одговориме тоа прашање.


Уште еден SUV во понудата на BMW? Да, секако, зошто да не? Со оглед на тоа колку овие автомобили станаа популарни меѓу купувачите, сосем е очекувано дека секој производител ќе се обиде да понуди колку што е можно повеќе вакви модели – во различни димензии и во различни изведби. Целата „финта“ е да се разбере што точно сакаат купувачите и тоа и да се понуди – а мислиме дека со X2, Баварците ја погодија метата точно во целта.

BMW X2 изгледа многу кул, нели?

Ајде прво да зборуваме за дизајнот. BMW X2 ги „заобиколува“ традиционалните одлики на еден SUV и веќе на првиот контакт изгледа интересно. Она што веднаш ќе го забележите е дека X2 е некако.. Понизок! Ако ништо друго, понизок во однос на другите вакви автомобили. Тоа се должи не само на фактот дека X2 е побиску до подлогата, туку дека има и пониска кровна линија во однос на X1 на кој е базиран – и тоа за цели 9 сантиметри! Тие дизајнерски одлуки резултирале со значително подинамична и поинтересна форма – која изгледа „бумбаресто“, несекојдневно и кул. На предниот дел директно „во лице“ удираат големите отвори на маската на ладилникот, широките, хоризонтални предни светла и големата „уста“.

Гледан од страна, X2 изгледа навистина како ништо друго на улиците. Ни се допаднаа и сивите заштитни панели околу тркалата, а и растечката линија на вратите која дополнително го истакнува нискиот кров. Особено ни се допадна и знакчето на BMW поставено на Ц-столбот – навистина кул детал кој оддава почит на моделите на BMW од минатото.

Конечно – задниот дел. Тука повторно се истакнуваат големите светлосни групи, но и ниското задно ветробранско стакло кое само ја истакнува формата на X2. Ни се допаѓаат и хромираните завршетоци на издувниот систем – во време кога производителите сè повеќе ставаат „лажни издуви“, вистинско освежување е да се види „the real deal.“

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: BMW ја претстави новата Серија 1

Kако е внатре во кабината?

Со желба да го приближи X2 до помладите купувачи на кои технологиите во еден автомобил им се подеднакво важни како и управувањето на автомобилот (дури можеби и поважни), дизајнерите и инженерите на BMW се обиделе да понудат навистина одлично искуство зад управувачот – а тоа почнува со кабината.

Кога ќе ја отворите вратата, првото што ќе го забележите се прекрасните спортски седишта кои се дел од M-Sport пакетот. Седиштата нудат одлична поддршка во сите насоки и се навистина комфорни – а може да се нагодува и аголот на страничната поддршка. Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција – но мораме да забележиме дека прегледноста кон задниот дел е малку ограничена. Тоа е резултат на дизајнот на X2, но потешкотиите со прегледноста кон задниот дел лесно се надминуваат со сензорите и камерите за паркирање. Инаку – во X2 се седи токму како што треба во едно BMW – ниско и спортски. Сите површини кои ќе ги допрете се покриени со квалитетни и меки материјали кои јасно и гласно кажуваат во кој сегмент припаѓа X2.

Немаме забелешки ниту на ергономијата – сите команди се прилично лесни за користење, а најновата генерација на iDrive мултимедијалниот уред на BMW се покажува како една од најлесните за секојдневна интеракција. Практично е што можете копчињата од централната конзола да ги користите како „кратенки“ до најкористените или омилените функционалности од мултимедијалниот уред – па и пристапот до нив е полесен и поинтуитивен. Секако, мултимедијалниот уред е чувствителен на допир, а може да се контролира и преку „тркалцето“ поставено меѓу возачкото и совозачкото седиште.

Задната клупа е изненадувачки просторна – двајца (па по потреба и тројца, но да не претеруваме) патници ќе имаат повеќе од доволно простор за нозете. За оние (многу) повисоките патници може мал проблем да биде просторот за главата – но тука веќе зборуваме за „двометраши“.

А во возење? Дали X2 „се вози“ како типичен SUV?

Воопшто не. Всушност, токму тука се гледаат „гените“ кои BMW X2 ги дели со MINI. Управувањето е директно и прецизно – и сè што треба да направите е да го насочите X2 кон правецот во кој сакате да одите и тој верно ќе ги послуша вашите инструкции. Дури нема ни преголемо – односно, скоро никакво – навалување во свиоци. Тоа се должи на пониската суспензија, но и на големите тркала и нископрофилните пневматици. Всушност, преврзете ни ги очите и најверојатно никогаш не би погодиле дека се возиме во SUV, а не во хечбек. X2 не е наклонет ниту кон надуправување, ниту кон подуправување – туку се однесува неутрално и самоуверено.

Поврзано:  Dahler го тјунираше моќниот BMW M3 CS

Суспензијата е цврста, но не е некомфорна. Големите тркала сосем задоволително ги филтрираат нерамнините од нашите улици  – но да бидеме искрени – кај ваков автомобил не можете да очекувате „лебдење“ како во Серија 5 или Серија 7. Сепак, тој компромис нам воопшто не ни пречи – напротив, ја цениме динамичноста и прецизноста.

Моторот?

Под поклопецот на нашиот тестен модел се најде добро-познатиот 2-литарски турбодизел на BMW со четири цилиндри во линија. Во оваа конфигурација тој испорачува 190 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 400 Nm вртежен момент од само 1750 вртежи во минута. Во комбинација со одличниот 8-брзински автоматски менувач, овој мотор го „повлекува“ X2 од ниски вртежи и овозможува лесно и неоптеретено движење како низ град, така и на отворен пат.

„Спринтот“ од семафор до семафор е лесен благодарение на одличната тркација и забрзувањето до 100 километри на час кое трае само 7.7 секунди, а максималната брзина е сосем доволни 221 километар на час.

За време на неколкудневното тестирање поминавме неколку стотици километри и измеривме просечна потрошувачка од околу 8 литри во градски услови, односно околу 7 литри на отворено.

Колку опрема? Многу опрема.

Секогаш се радуваме кога ќе добиеме тест возило опремено со „сите нишани“ – бидејќи така можеме да видиме навистина што сè еден автомобил може да понуди и како може да изгледа во најдоброто светло. Токму тоа беше случајот со „нашиот“ X2. Како дел од M-Sport пакетот добива поспортски браници, уште пониска суспензија и големи тркала, а во кабината ги доби оние прекрасните седишта, спортскиот управувач и уште многу други ситници.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Новиот BMW M5 е најмоќниот (и најтешкиот) M5 во историјата!

Не смееме да го заборавиме ниту мултимедијалниот уред со навигација и можност за Bluetooth поврзување, head-up дисплејот поставен пред возачот, моќниот аудио уред со 7 звучници, панорамскиот сончев кров, Shadow Line пакетот, предните светла со LED технологија кои ја следат насоката во свиоци, адаптивниот темпомат и уште многу, многу повеќе.

Не е занемарена ниту безбедноста – BMW X2 стандардно доаѓа со сите современи системи за активна и пасивна безбедност – како што се ESP, ABS, систем за дистрибуција на силата за кочење, како и мал милион воздушни перничиња и завеси.

Конечно, дали BMW X2 е токму она што купувачите го бараат?

Апсолутно! BMW ја продолжува „традицијата“ да нуди SUV модели кои не ги прават компромисите кои многу други брендови ги прават – дури и SUV моделите на BMW се забавни за возење. Но со X2, BMW оди чекор понатаму и ја прифаќа вистината за ваквите автомобили – никој нема својот X2 да го вози надвор од асфалтот, ниту пак ќе го соочи со некакви вистински теренски предизвици – и тоа е сосема во ред. BMW X2 одлично отсликува што навистина сакаат купувачите – многу, многу стил, врвна опрема, моќен мотор и многу нови технологии – сето тоа спакувано во привлечен и авантгарден пакет во форма на SUV – и со X2, го добиваат токму тоа! Полн погодок!

Спецификации

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 190 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 400 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 8 брзини
  • Максимална брзина: 221 км/час
  • Забрзување 0-100: 7.7 секунди
  • Должина: 4360 mm
  • Ширина: 2098 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1526 mm
  • Тежина: 1675 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2670 mm
  • Багажен простор: 470 – 1355 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 8.2 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: BMW X2 sDrive 18i – 34.530 Евра
  • Цена на тестираниот модел: BMW X2 xDrive 20d M-Sport  – 64.270 Евра
    Повеќе информации: BMW.com.mk

Димензии

Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.