ПРЕМИЕРА: Новиот Volkswagen Golf 8 го редефинира сегментот кој го носи неговото име – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Volkswagen Golf 8 го редефинира сегментот кој го носи неговото име

Осмата генерација на еден од најпопуларните автомобили во историјата продолжува да ги поставува стандардите – новиот дизајн, новите технологии и новиот пристап кон нештата гарантираат дека Golf ќе остане на тронот во својот сегмент.

Дами и Господа – кажете му добредојде на новиот Golf. Новиот автомобил е веднаш препознатлив како Golf – дизајнерскиот пристап кој налага еволуција наместо револуција се покажува како успешен за германците, па токму затоа и новиот Golf е веднаш препознатлив како директен наследник на своите претходници. Некои од линиите се поедноставни, некои се нови, а некои се малку контраверзни – но сепак, ова е Golf и не би можел да биде нешто друго.

Нов дизајн, подобрена аеродинамика

На предниот дел доминираат предните светла со малку несекојдневна форма. Вреди да се напомене дека дури и во основната верзија, Golf ќе доаѓа со светла кои користат LED технологија. За повисоко опремените верзии се резервирани LED Matrix светлата во форма на IQ.Light. Профилот е препознатлив како Golf, додека на задниот дел вниманието го задржуваат задните светлосни групи кои малку наликуваат на оние кај Tiguan. Меѓуоскиното растојание е 2636 милиметри, додека автомобилот е долг 4284 милиметри, широк 1789 милиметри и висок 1456 милиметри. Инженерите и дизајнерите на Volkswagen се горди на коефициентот на отпор, кој е само 0.275 Cd.

Интересна промена има во именувањата на нивоата на опрема – Volkswagen ги пензионира Trendline, Comfortline и Highline, а нивоата на опрема во иднина ќе се викаат Golf, Life и Style. Секако, тука ќе биде и неизбежниот R-Line кој ќе биде поспортската варијанта, а за понатаму Volkswagen планира да ги претстави и спортските GTI, GTI TCR, GTD, плаг-ин хибридниот GTE, како и моќниот Golf R.

Нови погонски единици, пет хибридни изведби

Инаку, на самиот старт Golf 8, покрај со конвенционални мотори, ќе се нуди и во дури пет хибридни варијанти. Три од нив ќе ја носат ознаката eTSI и ќе користат 48-Волтна технологија со стартер-генератор, 48-волтна литиумска батерија и супер-ефикасни TSI турбо-бензинци. Според WLTP мерењата, потрошувачката кај овие модели е намалена за дополнителни 10%. Овие мотори ќе се нудат со три различни нивоа на моќност – 110 коњски сили, 130 коњски сили, како и 150 коњски сили.

Поврзано:   Официјално ги доделивме наградите Златно Тркало за 2024

Ќе се нудат и два моќни плаг-ин хибриди. „Основниот“ хибрид ќе испорачува 204 коњски сили, додека Golf GTE ќе нуди одлични 245 коњски сили. Обете верзии ќе користат батерија со капацитет од 13 kWh.

Секако, Volkswagen ќе ги нуди и конвенционалните TSI турбо-бензинци, TDI турбодизели како и TGI моторите кои работат на природен гас. Кога ќе бидат лансирани сите мотори, купувачите ќе можат да изберат мотори кои нудат меѓу 90 и преку 300 коњски сили. На самиот старт ќе се нудат четири TSI турбо бензинци, кои ќе нудат90, 110, 130 или 150 коњски сили. Доколку сакате турбодизел, ќе можете да го нарачате 2-литарскиот TDI кој испорачува 115 или 150 коњски сили. 150-коњскиот TDI ќе може да се нарача со 4Motion погон на сите четири тркала, а во зависност од нарачаниот мотор и кај бензинците и кај дизелите ќе можете да одберете мануелен менувач, или пак DSG автоматски менувач. Турбодизелите користат двојно adBlue вбризгување зa да ја намалат емисијата на NOx честички за цели 80%, додека бензинците користат иновативен TSI Miller процес на согорување.

Целосна дигитализација – напреден Car2X и Travel Assist

Инаку, сите изведби на Golf – односно неколкуте различни нивоа на опременост – добиваат дигитални инструменти, LED светла, We Connect функционалност и мобилни услуги, итн. Golf R-Line добива засебни браници и поголеми тркала, црни детали итн, додека GTE (кој ќе се нуди уште на почетокот) добива спортски браници, 17-инчни тркала, заден спојлер, странични прагови, LED Performance светла, уникатни задни свтла и уште многу, многу други детали како на екстериерот, така и во кабината.

Кога сме кај кабината – стандардно ќе добие дигитални инструменти поставени на екран со дијагонала од 10.25 инчи. Стандардно ќе се нуди и мултимедијален уред со дијагонала од 8.25 инчи, а со доплата ќе може да се добие поголем, 10-инчен дисплеј за инфозабавниот ред. Volkswagen ова го нарекува Innovision Cockpit. Инаку, ќе може да се добие и широк хед-ап дисплеј, амбиентално осветлување, многу, многу, многу различни дополнителни функционалности, како и премиум аудио уред од Harman Kardon.

Меѓу другото, благодарение на We Connect системот, купувачите ќе добијат можност за користење мобилен клуч, прегледување на статусот на автомобилот, закажување на сервисни услуги, и уште многу повеќе. Car2X технологиите во новиот Golf ќе му овозможат на автомобилот да комуницира како со други автомобили околу него, така и со целата инфраструктура во радиус од 800 метри. Golf ќе добива информации доколку во тој радиус се случи некаква незгода, има некаков застој, нагло кочење или нешто слично.

Поврзано:   Златно Тркало 2024: Победници се Porsche Panamera, Audi Q8, Volkswagen ID.7, Opel Corsa и Mazda CX-60!

Новитет е и Travel Assist системот кој овозможува асистирано управување при брзини до 210 километри на час. Во суштина, овој систем овозможува полу-автономно возење со само една рака на управувачот, како и лонгитудинално следење на сообраќајот и следење на коловозната лента. Адаптивниот темпомат кој е дел од овој систем користи и информации од GPS уредот за точно да го позиционира автомобилот и навремено да прикочи кога ќе биде близу до свиок, до кружен тек, итн. Истовремено, адаптивниот темпомат може да ги идентификува сообраќајните знаци и самиот да се прилагоди кон максимално-дозволената брзина.

Новиот Golf ветува многу. Останува да седнеме зад управувачот и самите да се увериме!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.