ПРЕМИЕРА: BMW влегува во играта на компактни седани со новиот 2 Series Gran Coupe – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW влегува во играта на компактни седани со новиот 2 Series Gran Coupe

Series 2 Gran Coupe е првиот ваков модел на баварскиот производител – и BMW ќе има силна борба со конкурентите кои веќе нудат компактни премиум седани.

Новиот Series 2 Gran Coupe ја дели платформата со (и е директно базиран на) новата Серија 1, која ние имавме ексклузивна можност да ја возиме ова лето. Тоа значи дека Series 2 Gran Coupe ќе биде примарно со погон на предните тркала, но во зависност од изведбата ќе може да се добие и со погон на сите четири тркала.

Дизајнот е сличен на Серијата 1 – барем на предниот дел. Но веќе од средината па кон задниот дел, работите се значително различни – дизајнерите на BMW влечеле инспирација од големата Серија 8 – па добиваме тенки хоризонтални задни светла, дискретен заден спојлер, и во зависност од изведбата, кружни или ромбоидни завршетоци на издувниот систем. Димензиите се релативно дарежливи, со оглед на класата – BMW 2 Series Gran Coupe е долг 4256 милиметри, широк 1800 милиметри и висок 1420 милиметри, додека меѓуоскиното растојание е 2670 милиметри. Багажникот е со капацитет од 430 литри.

Инаку, кабината е слична (односно, скоро иста) со онаа на Серијата 1 – а тоа значи многу квалитетни материјали, најновиот BMW iDrive инфозабавен систем (кој може да има дијагонала и до 10.25 инчи), како и дигитални инструменти пред возачот. Секако (во зависност од изведбата) ќе добиете и одлични спортски седишта.

На самиот почеток ќе се нудат неколку погонски единици. Понудата ќе започнува со 218i, кој носи 1.5-литарски турбо-бензинец кој испорачува 140 коњски сили и 220 Nm – кој пак овозможува 100 километри на час за 8.7 секунди и максимални 215 километри на час. Ќе се нуди и турбо-дизелска варијанта во форма на 220d, кој располага со 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Моќниот турбодизел овозможува 100 километри на час за 7.5 секунди и максимални 235 километри на час.

Поврзано:  ПРВО ВОЗЕЊЕ: Зад управувачот на новиот BMW X3

На самиот врв е турбо-бензинскиот M235i, кој располага со 306 коњски сили и 450 Nm вртежен момент, како и погон на сите четири тркала. Спортскиот компактен седан може да забрза до 100 километри на час за само 4.9 секунди и да постигне електронски ограничени 250 километри на час. Ние веќе го пробавме овој мотор во новиот M135i.

Производството на новиот BMW Series 2 Gran Coupe се очекува да започне на самиот почеток на следната година, а првите примероци да пристигнат во салоните набргу потоа.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.