full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Toyota го претстави целосно новиот Yaris!

Четвртата генерација на супер-успешниот јапонски хечбек ветува многу, многу новитети – а сето тоа е благодарение на новата платформа.

Новиот Yaris е поставен на модуларната TNGA платформа на јапонскиот гигант. Оваа платформа веќе добро ја познаваме – се користи кај C-HR, како и кај новата Corolla – но поради новите димензии добива и ново име – GA-B.

Интересен резултат на новата платформа се намалените димензии – новиот Yaris е 5 милиметри пократок и одлични 40 милиметри понизок, но истовремено има 50 милиметри подолго меѓуоскино растојание и е 50 милиметри поширок. Сето тоа значи забележително повеќе простор во кабината. Дополнително, благодарение на новата платформа, новиот Yaris (во зависност од изведбата) е до 50 килограми полесен од својот претходник.

Дизајнот е значително помодерен во однос на моделот кој е во заминување. Секако, и новиот автомобил е веднаш препознатлив како Yaris – но сепак изгледа значително посовремено и поинтересно од минатата генерација. Предниот дел е подинамичен и поостар, додека задниот дел влече инспирација од C-HR.

Кабината е модернизирана и од Toyota кажуваат дека се користени поквалитетни материјали кои се пофини на допир. Во кабината нема да најдете дигитални инструменти, но затоа можете да добиете голем, 10-инчен мултимедијален уред. Седењето е значително пониско во однос на минатата генерација, а тоа пак резултира со пониско тежиште и подобро управување, како и подобро чувство зад управувачот.

Новиот Yaris ќе може да се добие со целосно-новиот 1.5-литарски Hybrid Dynamic Fore хибрид, или пак 1.5-литарски или 1-литарски бензинец. Хибридот е од најновата, четврта генерација и е базиран директно на 2 и 2.5-литарските системи кои се нудат во Corolla, односно Rav4. Сето тоа би требало да резултира со супер-ефикасен и супер-економичен мал градски автомобил. Немаме точни податоци околу моќноста, но претпоставуваме дека новиот хибриден погон би требало да испорачува околу 110 до 115 коњски сили.

Според најавеното, новиот Yaris би требало да пристигне во салоните на почетокот на следната година.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Toyota го претстави електричниот bZ4X - може да помине повеќе од 450 километри со полни батерии!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.