full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW 8 Series Gran Coupe – Четири врати, три мотори и одличен дизајн!

Баварците работат неуморно – по премиерата на новата Серија 1 и моќниот М8, денес за прв пат официјално ја гледаме големата Серија 8 Gran Coupe!

Gran Coupe е цели 228 милиметри подолг, 30 милиметри поширок и 55 милиметри повисок од „обичната“ Серија 8. Дополнително, меѓуоскиното растојание е зголемено за цели 200 милиметри – а со тоа се добива многу повеќе простор на задната клупа, до која се пристапува преку – погодувате – задните врати.

Дизајнот на Серија 8 Gran Coupe е многу сличен на оној на купето, па и покрај значително поголемите димензии, автомобилот во ниту еден момент не губи од динамичноста и привлечноста. Всушност, ќе бидеме храби и ќе кажеме дека во нашите очи, 8 Series Gran Coupe е еден од најпривлечните автомобили кои BMW ги прави во моментов. Кабината (барем на предните седишта) е скоро идентична како кај купето – па добивате 12.3-инчен панел со инструменти, 10.25-инчен мултимедијалне систем, како и мал милион други системи и додатоци.

Во однос на моторите, 8 Series Gran Coupe ќе може да се добие со 3-литарски TwinPower Turbo шест-цилиндерски мотор кој испорачува 340 коњски сили и 500 Nm вртежен момент, и овој модел ќе ја носи ознаката 840i. Оваа варијанта е интересна бидејќи постигнува 100 километри на час за само 4.9 секунди и има максимална брзина од 250 километри на час, а истовремено може да се нарача само со погон на задните, или со погон на сите четири тркала. Сите други верзии се ексклузивно со xDrive погон на сите четири тркала.

На врвот на понудата е М850i xDrive Gran Coupe кој користи 4.4-литарски TwinPower Turbo V8 за моќни 530 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. Доколку сакате турбодизел, тука е 840d Gran Coupe кој користи 3-литарски шест-цилиндерски турбодизел кој нуди 320 коњски сили и 680 Nm вртежен момент. Сè уште не е потврдено, но го очекуваме и неизбежниот M8 Gran Coupe кој ќе ја следи насоката на M8 Coupe и ќе доаѓа со 600 или 625 коњски сили.

Поврзано:   Големиот и електричен BMW iX пристигна во Скопје!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.