full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот 2008 – и тоа во бензинска, дизелска и електрична варијанта

Францускиот бренд тукушто ја претстави новата, втора генерација на успешниот и популарен 2008 – и се надева дека авангардниот дизајн и модерните технологии ќе бидат доволно силни адути за успешната приказна да продолжи и со новиот модел.

Дизајнот веднаш се препознава дека доаѓа од Peugeot – кај новиот 2008 препознаваме детали кои се инспирирани како од новиот 208, така и од големиот и супер-популарен 3008 (и 5008). Новиот 2008 е поставен на Common Modular Platform архитектурата и е импресивни 14 сантиметри поголем од минатата генерација, а истовремено е широк 1.7 метри и висок 1.54 метри – и со тоа е цврсто во рамките на компактната класа.

Исто како и новиот 208, и новиот 2008 ќе може да се нарача со неколку различни погонски единици – но и како електричен автомобил. Доколку сакате бензинец, ќе можете да изберете меѓу неколку различни изведби на 1.2-литарскиот PureTech бензинец – со 100, 130 или 155 коњски сили. Доколку сакате турбодизел, тука е 1.5-литарскиот BlueHDI со 100 или 130 коњски сили.

Сепак, најверојатно најинтересна е токму електричната изведба – односно моделот со ознака е-2008. Оваа верзија користи батериски модул со капацитет од 50 kWh и електромотор со моќност од 136 коњски сили. Автономијата на електрична енергија е сосем респектабилни 312 километри, а на брз полнач од 100 kW батеријата ќе може да се наполни до 80% за само 30 минути.

Без разлика за која верзија на 2008 ќе се одлучите, ќе добиете многу хај-тек решенија. Меѓу другото, 2008 добива Drive Assist систем кој ја следи коловозната лента, ве предупредува доколку ја напуштите лентата, но истовремено нуди и адаптивен темпомат со Stop & Go систем.

Поврзано:   Официјализирани преговорите меѓу FCA и PSA!

Добивате и систем за автоматско паркирање, автоматско сопирање во град, препознавање на ограничување на брзината, итн, итн. Ќе можете да нарачате и аудио-систем од Focal со 10 звучници, и секако – ќе ја добиете и  најновата генерација на i-Cockpit кабината на Peugeot. Сите верзии (меѓу кои и електричната) добиваат багажен простор со капацитет од 360 литри.

Новиот Peugeot 2008 ќе пристигне на пазарот следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.