full screen background image
Search

Fiat Chrysler Automobiles му понуди спојување на Groupe Renault

FCA тукушто објави дека на одборот на Renault му е понудено спојување на двата автомобилски гиганти – и ако предложеното соединување на двете компании се оствари, можно е да имаме ново значително бранување на автомобилската сцена.

Според понудата која FCA ја има доставено до одборот на францускиот Renault (и која во моментов одборот ја разгледува), соединувањето би резултирало со нова компанија во која 50% удел би имале акционерите на FCA, а другите 50% би им припаднале на акционерите на Groupe Renault.

Соединувањето на двете големи компании би резултирало со создавање на третиот по големина производител во светот, со повеќе од 8.7 милиони продадени автомобили годишно. Дополнително, портфолиото на двете компании би резултирало со широка гама на продукти кои би ги задоволиле потребите на сите купувачи – од мејнстрим па сè до премиум автомобили.

Она што е особено интересно е дека планот не предвидува затворање на фабрики, а заедничкиот развој на модели би резултирал со годишна заштеда од најмалку 5 милијарди евра. Најголем процент од заштедата би дошла во намалување на трошоците за набавки и заеднички развој на модели. Дополнително, од FCA кажуваат дека би се овозможило и намалување на бројот на автомобилски платформи за околу 20% и мотори за околу 30%.

Доколку одборот на Renault го прифати предлогот, тоа би значело дека ќе добиеме нов мега-производител кој под својата капа ќе има брендови од Dacia, преку Fiat и Renault, па сè до Jeep, Chrysler, Alfa Romeo и Maserati. Доколку Renault-Nissan алијансата биде дополнително зајакната, под истиот производител би се сметале и Nissan и Mitsubishi.

Поврзано:   Renault го освежи големиот Koleos

Повеќе ќе знаеме наскоро.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.