ПРЕМИЕРА: BMW ја претстави најновата, трета генерација на Серијата 1 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW ја претстави најновата, трета генерација на Серијата 1

Баварците ја претставија најновата генерација на Серијата 1 – и за прв пат во нејзината историја, Серијата 1 ќе биде со погон на предните тркала.

BMW утринава ја претстави новата Серија 1 – и со новата генерација, таа добива многу, многу новитети.

Основен новитет е платформата на која е поставена – новата „Единица“ (или новиот „Кец“, како сакате) за прв пат доаѓа со погон на предните тркала, или пак со погон на сите четири тркала. Дизајнерски, влече инспирација од X2 (кој патем, веќе го возевме и навистина ни се допадна), па затоа сме прилично ентузијастички-настроени кон новиот автомобил. Како на предниот, така и на задниот дел доминираат големи широки светлосни групи, а особено добро изгледа M-Sport верзијата која добива поагресивни браници и уште мал милион ситни спортски детали.

Уште една придобивка од новата платформа е и повеќето простор во кабината – патниците на задната клупа имаат дополнителни 20 милиметри за главите, 33 милиметри за нозете и уште 13 милиметри за лактите. Дополнително, сега Серијата 1 има 380 литри капацитет на багажниот простор, односно 1200 литри со спуштени задни седишта.

Кабината презема елементи од другите, поголеми модели на BMW, но најважен новитет е новиот BMW Operating System 7.0 системот кој е поставен во 10.25-инчен мултимедијален уред на централната конзола, а има уште еден ист таков и пред возачот наменет за инструментите. Секако, новата „Единица“ добива и еден куп нови и супер-напредни системи за активна и пасивна безбедност, како и системи за асистенција во возењето.

Во однос на моторите, на самиот старт ќе се нудат три турбодизел мотори и два турбо-бензинци. Основниот мотор е 116d со 116 коњски сили, додека на самиот врв на понудата сега за сега е M135i xDrive кој располага со 306 коњски сили и кој може да забрза до 100 километри на час за само 4.8 секунди.

Продажбата ќе започне во Септември.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: BMW го најавува новиот iX3 со Vision Neue Klasse X



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.