SEAT ќе го предводи развојот на достапни електрични возила во рамките на Volkswagen групацијата – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

SEAT ќе го предводи развојот на достапни електрични возила во рамките на Volkswagen групацијата

SEAT ќе биде задолжен за развој на целосно-електрични градски возила кои ќе чинат помалку од 20.000 евра.

Претседателот на Volkswagen групацијата – Herbert Diess –  објави дека SEAT ќе го лансира првиот мал модел во 2023, а потоа „повеќе верзии“ ќе бидат понудени во рамките на целата групација. Малите автомобили ќе користат пократка верзија на MEB платформата на Volkswagen која е наменета за електрични возила и ќе бидат долги околу 4000 милиметри.

Според Diess, семејството на мали електрични автомобили ќе биде „голем чекор напред кон евтина електрична мобилност“. Според него, наоѓањето начин да се намалат трошоците ќе има клучна улога во намалувањето на високите трошоци кои се асоцираат со електричните возила, барем во однос на возилата кои имаат конвенционални мотори.

Малиот автомобил ќе биде помал од el Born кој SEAT го претстави пред само неколку седмици. Серискиот el Born ќе биде голем колку Leon и исто така ќе биде поставен на MEB платформата. Автомобили со овие димензии ќе следат и од Volkswagen, Skoda и Audi. Сепак, el Born е замислен да биде користен во секакви услови и ќе има автономија од 420 километри, додека помалите електрични автомобили се замислени повеќе како градски возила – па соодветно на тоа би очекувале и нешто помала автономија на електрична енергија.

Претседателот на SEAT – Luca de Meo – го дополни Herbert Diess и додаде дека повеќе од 300 инженери ќе работат на развојот на малите електрични возила во техничкиот центар на шпанскиот бренд. Уште не е донесена одлуката каде ќе се произведуваат автомобилите, но се претпоставува дека ќе се произведуваат во фабриката на Skoda во Kvasiny, во Чешката Република.

Поврзано:   SEAT најавува дека најдоброто допрва доаѓа!

Инаку, SEAT веќе дефинираше прилично агресивна рута на електрификација – потврдено е дека ќе лансираат шест електрифицирани возила во следните две години – две целосно електрични возила и два плаг-ин хибриди. Електричните возила ќе бидат електричната верзија на SEAT Mii, како и веќе-споменатиот el Born, а плаг-ин хибридни верзии ќе добијат следниот Leon и големиот Tarraco. Под-брендот Cupra ќе добие плаг-ин хибриден Leon, а веќе е најавено дека Formentor спортскиот SUV на брендот исто така ќе биде плаг-ин хибрид.

Дополнително, Luca De Meo изјави дека е горд на SEAT – „SEAT сега има јасна улога во рамките на Volkswagen групацијата и благодарение на добрите резултати ја заслуживме новата електрична платформа.“ SEAT е профитабилен минатите две години – оствари профит од 191 милиони евра во 2017 и 254 милиони евра во 2018. Минатата година продадоа 517.600 возила – раст од одлични 11 проценти.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.