SEAT најавува дека најдоброто допрва доаѓа! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

SEAT најавува дека најдоброто допрва доаѓа!

Извршниот директор на SEAT најавува дека најдоброто од шпанскиот бренд допрва доаѓа – а сето тоа е поддржано од одличните резултати кои беа постигнати минатата година и најавените инвестиции во освежени и нови модели.

Шпанскиот бренд кој е дел од Volkswagen групацијата минатата седмица ги објави резултатите од 2023, но истовремено ја најави и својата стратегија за годините кои доаѓаат. Според пресметките, минатата година SEAT постигна оперативна добивка од рекордни 625 милиони Евра – зголемување од скоро неверојатни 592 милиони Евра, со оглед на постигнатите 33 милиони Евра во 2022.

„Зад себе оставаме година во која SEAT S.A. ги објави најдобрите финансиски резултати во својата 73-годишна историја, осигурувајќи се дека нашата компанија продолжува на својот пат кон попрофитабилна иднина“ – рече Вејн Грифитс, извршен директор на SEAT и CUPRA и додаде – „2023 година беше година на огромни контрасти за автомобилската индустрија, како и за нашата компанија, бидејќи продолживме да се движиме низ морето на несигурност додека ја претрпевме најголемата трансформација во нашата историја“.

„Во 2023 година, SEAT S.A. направи голем чекор на своето патување на трансформација: имавме за цел да направиме значително подобрување и тоа е она што успеавме да го направиме. Постигнавме рекорди на сите времиња во промет, оперативна добивка и оперативен готовински тек. Ова совршено ги одразува позитивните ефекти од растот на обемот на марката CUPRA и обновувањето на обемот на марката SEAT, како и важноста на напредокот што го постигнавме со нашата програма за подобрување на перформансите“ – рече Дејвид Пауелс, потпретседател за финансии и ИТ во SEAT. С.А.

По многуте гласини дека Volkswagen групацијата планира да го згасне SEAT брендот и јасните изјави со кои челниците ги негираа ваквите гласини, шпанскиот бренд недвосмислено најавува дека се враќа онаму каде припаѓа. SEAT веќе најави сериозни инвестиции кои ќе резултираат со подобрени плаг-ин хибридни автомобили, но и освежување за Arona, Ibiza и Leon кое покрај естетските, ќе вклучува и технички и технолошки надградби. Се најавува и освежување за Ateca, што воопшто не е изненадувачки со оглед на популарноста на овој SUV.

„Го враќаме брендот SEAT таму каде што припаѓа, продолжувајќи го двоцифрениот раст од минатата година со нови инвестиции во брендот и неговите модели. Исто така, разгледуваме што можеме да испорачаме во електричниот свет под брендот SEAT. Кога станува збор за SEAT, ви ветувам дека најдоброто допрва доаѓа“ – додаде Вејн Грифитс.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.