Започна со работа салонот на Geely во Скопје – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Започна со работа салонот на Geely во Скопје

Нов бренд на македонскиот пазар – од неодамна е отворен салонот на Geely и веќе се изложени два модели на кинескиот гигант.

Geely е вистински гигант. Покрај тоа што е еден од најголемите акционери во Daimler, Geely е сопственик на Volvo, Lotus, Smart, Polestar, Zeekr и уште неколку други брендови. Кинеската корпорација веќе успешно се продава на европскиот пазар, а откако лансираше во регионот, од неодамна е присутен и кај нас.

Салонот на Geely е дел од новиот Chevahir Mall Skopje и се наоѓа веднаш на влезот во новиот шопинг-центар. Изложени се два модели – поконвенционалниот Atlas Pro, како и новиот Coolray. Atlas Pro е поконвенционален SUV, со препознатлива SUV-форма и многу, многу опрема.

Atlas Pro доаѓа опремен со нов, супер-модерен 3-цилиндерски лајт-хибриден турбо-бензинец со зафатнина од 1.5 литри кој испорачува 177 коњски сили и вртежен момент од 255 Nm. Силата ја пренесува кон сите четири тркала преку 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка.

Atlas Pro е достапен само во една, целосно опремена изведба и цената во моментот на објавување е промотивни 32.500 Евра.

Особено интересен новитет е Coolray. Новиот SUV на Geely има задача да ги привлече помладите купувачи – а тоа го прави со поагресивниот, посамоуверен дизајн, но и богатата опрема и многуте спортски детали.

Coolray е задвижуван од 4-цилиндерски турбо-бензинец каде перформансите се на прво место – па тој испорачува 172 коњски сили и 290 Nm вртежен момент, кои ги пренесува кон предните тркала преку 7-брзински DCT менувач со двојна спојка, кои пак овозможуваат спринт до 100 километри на час за 7.6 секунди. Coolray чини 28.500 Евра.

Инаку, компанијата-застапник на Geely во Македонија – Delfino Mobility Group – ветува исклучителни услови за поддршка и гаранција, како и свој сервисен центар за поддршка и одржување на возилата. Наскоро ќе имаме можност и самите да ги тестираме возилата на Geely па ќе ги пренесеме и нашите впечатоци.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.