Златно Тркало 2024: Победници се Porsche Panamera, Audi Q8, Volkswagen ID.7, Opel Corsa и Mazda CX-60! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Златно Тркало 2024: Победници се Porsche Panamera, Audi Q8, Volkswagen ID.7, Opel Corsa и Mazda CX-60!

Заврши гласањето за овогодинешното издание на Златно Тркало, а вие ги избравте Најпосакуваните Нови Автомобили во Македонија во пет различни категории!

Оваа година славиме и мал јубилеј – ова е петто издание на Златно Тркало, изборот за најпосакуван нов автомобил во Македонија кој го организираме со колегите од Автоплус, CarsByVik и RPM.mk! Годинава се натпреваруваа петнаесет автомобили во пет различни категории, а беа направени вкупно 20.510 гласања! Секако, сето ова ќе кулминира со свечен настан на кој и официјално ќе ги прогласиме победниците – победниците кои ги одбравте токму Вие, нашата верна публика!

Најпосакуван Семеен Автомобил – Mazda CX-60

Со освоени 29.49% од гласовите во категоријата, за Најпосакуван Семеен Автомобил го избравте големиот, плаг-ин хибриден SUV на Mazda – новата Mazda CX-60. Големиот SUV не само што одлично ги исполнува семејните обврски, туку истовремено доаѓа со ефикасен и моќен плаг-ин хибриден погон.

Најпосакуван Градски Автомобил – Opel Corsa

Освежената Opel Corsa пристигна на пазарот со надградени погонски единици, затегнат дизајн и водечки нови технологии во сегментот. Достапна и како целосно-електрично возило, новата Corsa ги освои вашите гласови и со 47.53 проценти од гласовите во категоријата ја прогласивте за Најпосакуван Градски Автомобил.

Најпосакуван Електрифициран Автомобил – Volkswagen ID.7

Големата електрична лимузина на Volkswagen е знаменосец на ID-гамата на германскиот бренд. Комбинацијата од врвни технологии, автономија која надминува 600 километри и нов, модерен и ефикасен електромотор беа доволни аргументи за големиот електричен седан да освои 31.22% од гласовите во својата категорија и да биде избран за Најпосакувaн Електрифициран Автомобил

Поврзано:   VW ID.Buzz GTX е спортски електричен микробус!

Најпосакуван Премиум Автомобил – Audi Q8

Луксузното купе-SUV на Audi ги отелотворува начелата на германскиот бренд – високи технологии, привлечен дизајн, беспрекорен финиш и моќни и ефикасни погонски единици. Големиот Audi Q8 освои 46.20% од гласовите во својата категорија и со тоа заслужено ја добива титулата за Најпосакуван Премиум Автомобил.

Најпосакуван Нов Автомобил – Porsche Panamera

Новата, трета генерација на луксузниот супер-седан на Porsche ги освои вашите гласови – со 39.90% од дадените гласови, новата Panamera се наметна како доминантна во својата категорија и вие, нашите читатели ја избравте за Најпосакуван Нов Автомобил во Македонија.

Им честитаме на победниците, а на вам – сите наши читатели – ви благодариме за поддршката и учеството во изборот! Ви благодариме што нè читате и нè поддржувате!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.