Пред само неколку моменти се одржа македонската премиера на најновиот член на X-семејството на баварскиот производител – новиот BMW X2!
Новиот BMW X2 е базиран на Concept X2 кој баварскиот бренд го претстави на Саемот на Автомобили во Париз – и можеме да кажеме дека серискиот автомобил задржува многу од интересните детали на концептот. Ова е прв X2 во историјата на BMW, и како нов модел ќе мора да се докаже на сосем нов терен за брендот и истовремено да се бори со навистина силна конкуренција.
Иако е базиран на X1, динамичниот X2 е и поблиску до подлогата, и малку пократок – а тоа му интересен, несекојдневен лик. Особено привлечно изгледа во „официјалната“ златно-жолта боја со новиот M-Sport X пакет на опрема – како на фотографиите.
„BMW X2 е автомобил наменет првенствено за урбани луѓе кои водат активен живот и се целосно поврзани со дигиталниот свет. BMW X2 никогаш нема да го изневери својот уникатен карактер, тој е индивидуалист кој се издвојува од толпата. Згора на тоа, моделот M Sport X е достапен за прв пат и им овозможува на сопствениците да го персонализираат својот BMW X2 и направат уште поиндивидуален“ – изјави Билјана Колемишевска, на официјалната промоција.
На самиот старт на македонскиот пазар новиот X2 ќе се нуди со три погонски единици – еден бензинец и два дизели. „Основниот модел“ е BMW X2 20is со 192 коњски сили кој забрзува до 100 километри на час за 7.7 секунди и чини од 38.590 евра.
Понудата на дизели ја сочинуваат BMW X2 20dx со 190 коњски сили и погон на сите четири тркала, кој забрзува до 100 километри на час за 7.7 секунди и чини од 43.960 евра. Скалило погоре е BMW X2 25dx кој има 231 коњска сила и погон на сите четири тркала, забрзува „до стотка“ за 6.7 секунди и постигнува максимални 237 километри на час – и чини од 52.840 евра.
Од македонскиот импортер на BMW – М-Кар – најавуваат дека веќе во Март во понудата ќе бидат додадени уште еден бензински и уште еден дизел мотор со помала моќност и можност за погон само на предните тркала.