full screen background image
Search

Toyota во Женева ќе го претстави освежениот Aygo

Најмалиот член на Toyota-семејството ќе добие освежување – а веќе ги имаме првите детали и фотографии!


Малиот Aygo ќе добие значително освежување – а измените започнуваат со екстериерот каде препознаваме нова предна маска која според Toyota го трансформира предниот дел во „помоќен, тродимензионален архитектурен елемент.“ Aygo ќе добие и изменети задни светла, нови браници, нови бои и нови дизајни за тркалата.

Иако сè уште не се објавени фотографии од ентериерот, од Toyota ни кажуваат дека кабината ќе добие ревидиран инструмент-панел, нови материјали во кабината и „попремиум комбинација бои во Quartz сива и Piano црна боја.“

Дополнително, Toyota ќе понуди две специјални серии на Aygo – едната ќе се вика X-Cite и ќе биде со двобоен екстериер, 15-инчни алуминиумски тркала и детали во кабината кои ќе бидат во боја на екстериерот. Втората специјална едиција ќе биде Aygo X-Trend – која ќе добие црн екстериер со детали во контрастна боја и спортски налепници. Кабината ќе добие седишта делумно обвиени во кожа и контрастни детали.

Aygo ќе биде придвижуван од ревидиран 1-литарски три-цилиндерски атмосферски бензинец кој сега благодарение на зголемената компресија и нов систем за вбризгување на гориво испорачува 72 коњски сили и 93 Nm вртежен момент. Овој мотор добива подобрувања и во насока на намалување на вибрациите, со цел да се подобри рафинираноста.

Перформансите се адекватни за мал градски автомобил – 100 километри на час се постигнуваат за 13.8 секунди, а максималната брзина е 160 километри на час. Потрошувачката е импресивно ниска – според официјалните податоци, Aygo ќе троши само 3.9 литри бензин на 100 километри и ќе има емисија на CO2 од само 90 грама на изминат километар.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.