Volkswagen T-Roc добива нова R-Line изведба и открива нови детали за погонските единици – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Volkswagen T-Roc добива нова R-Line изведба и открива нови детали за погонските единици

Германскиот бренд го претстави новиот кросовер T-Roc пред неколку седмици, а сега компанијата ја збогатува неговата гама со R-Line пакет.

Дизајниран за купувачите кои сакаат да бидат повпечатливи, R-Line пакетот содржи поспортски браници во боја на каросеријата и R-Line ознака на решетката. Тука се и нов уникатен заден дифузер, пластики на вратите во боја на каросеријата и затемнети задни светла.

За да ја разигра кабината, R-Line пакетот додава кожен волан и двобојни платнени/микрофибер седишта со детали од вештачка кожа. Пакетот исто така содржи црн тапацир на кровот, специјални патосници и педали од не’рѓосувачки челик. Измените завршуваат со R-Line ознаки на праговите од вратите и 18 или 19-инчни алуминиумски тркала.

Покрај претставувањето на R-Line изведбата, Volkswagen ги откри деталите за гамата на T-Roc. Основен бензински агрегат ќе биде 1.0-литарскиот TSI кој развива 115 кс и 200 Nm вртежен момент. Едно скалило погоре ќе биде 1.5-литарскиот TSI со 150 кс и 250 Nm вртежен момент. На крај, тука ќе биде и 2.0-литарски TSI агрегат кој испорачува 190 кс и 320 Nm.

Љубителите на дизел мотори ќе можат да нарачаат 1.6-литарски TDI со 115 кс и 250 Nm вртежен момент. Исто така тука ќе биде и 2.0-литарски TDI агрегат во една верзија со 150 кс и 340 Nm, како и друга верзија со 190 кс и 400 Nm вртежен момент.

Во зависност од тоа која погонска единица ќе биде одбрана, тој може да се добие со шест-степена мануелна трансмисија или седум-степен DSG менувач. Основните агрегати доаѓаат единствено со погон на предните тркала, додека погонот на сите четири ќе биде понуден како опција или доаѓа сериски кај посилните модели.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.