Премиера: Новото Volkswagen Polo – Нов дизајн, нова платформа, нови мотори, нови технологии! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Новото Volkswagen Polo – Нов дизајн, нова платформа, нови мотори, нови технологии!

Volkswagen тукушто ја претстави шесттата генерација на популарниот Polo – кој добива модерен дизајн, целосно нова платформа, нови мотори и нови технологии – а на самиот врв е Polo GTI со 200 коњски сили!

Новото Polo е базирано на MQB A0 платформата, која му овозможи на Volkswagen во компактниот Polo (кој веќе и не е толку мал – новата генерација е голема скоро колку Golf од четвртата генерација) да вгради мотори и технологии од значително поголеми и поскапи автомобили – Polo ќе може да се добие со адаптивен темпомат, автоматско сопирање, LED предни светла, детекција на мртва точка, како и дигитален панел со инструменти (како што се вградува во Golf и Passat).

Polo ќе добие и голем, 8-инчен мултимедијален уред со Apple CarPlay и Android Auto можност за поврзување, а за прв пат во градскиот автомобил на Volkswagen ќе се добие и Keyless систем за отклучување и стартување на автомобилот. Дури и основните модели ќе добијат 6-инчен мултимедијален уред.

Новото Polo ќе се нуди со дури 9 погонски единици, и сите се Еуро 6 компатибилни. Понудата започнува со 1-литарски бензинец кој испорачува 65 коњски сили, a врв на бензинската понуда ќе биде 1.5-литарскиот TSI EVO со деактивација на цилиндри и 150 коњски сили. Доколку сакате турбодизел, тука е 1.6-литарскиот TDI кој испорачува 80 или 95 коњски сили, а ќе се нуди и верзија со погон на природен гас. Секако, за нас најинтересната верзија е новотo Polo GTI кое сега ќе доаѓа со 2-литарски турбо-бензинец и 200 коњски сили!

Како што и очекувавме – дизајнот е еволуција наместо револуција. Дизајнот е модернизиран од сите агли, но се препознава наследството и историјата кои ги има Polo. Сепак, новиот автомобил е долг 4053 милиметри, широк 1751 милиметар, висок 1446 милиметри и има меѓуоскино растојание од 2564 милиметри. Тоа ветува многу простор во кабината, а Polo ќе нуди и еден од најголемите багажници во класата – дури 351 литар.

Поврзано:   Дамите го одбираат Women's Worldwide Car of the Year - ова се финалистите!

Новото Polo ќе можете да го персонализирате во согласност со вашите желби – ќе се нуди во 14 различни бои, со 12 различни тркала, 13 различни декорации за инструмент-таблата, два вида на декорација во ентериерот и 11 различни дизајни за материјалите на седиштата. Сигурни сме дека интересен за помладите купувачи ќе биде Polo Beats кој доаѓа со 300-ватен аудио систем дизајниран лично од Dr. Dre!

Нарачките ќе започнат наскоро, а првите купувачи ќе ги добијат своите возила кон крајот на оваа и почетокот на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.