ТЕСТ: Peugeot 2008 1.2 THP Active – Достоен фејслифт за францускиот мини-SUV – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 2008 1.2 THP Active – Достоен фејслифт за францускиот мини-SUV

Peugeot минатата година го освежи 2008 и го доведе во линија со останатите SUV модели во својата гама – ние имавме можност да поминеме неколку дена со освежениот 2008 опремен со 1.2-литарски THP турбо-бензинец!


Сегментот на градски кросовери и SUV модели зема сè поголем замав – конкуренцијата станува помногубројна и поквалиетна, а вкусовите на купувачите се сè порафинирани. Затоа Peugeot реши да го освежи популарниот 2008 и да ги зајакне неговите квалитети.

Кога пред неколку години го тестиравме 2008 при неговото појавување, во сеќавање ни остана неговиот feelgood фактор. Едноставно, уживавме зад малиот управувач на 2008 – па кога ни се пружи можноста да поминеме неколку дена со освежениот 2008, очекувањата – очекувано – ни беа големи.

Сега 2008 наликува на своите поголеми браќа

При прв контакт веднаш се забележуваат измените – особено оние на предниот дел. Го нема веќе „остриот“ лик кој беше карактеристичен за некои од постарите модели на Peugeot – она што сега го добиваме е поисправен и подостинствен дизајн кој веднаш наликува на поголемите 3008 и 5008. Како и предниот дел, така и остатокот од автомобилот има претрпено дискретни измени кои можеби нема веднаш да ги забележите, но се истакнуваат задните светлосни групи кои сега имаат поизразено-тродимензионална графика, а севкупниот впечаток кој 2008 го остава е за зрел и возрасен автомобил.

Комфорна и просторна кабина

Во кабината, Peugeot реши да направи дискретни измени во однос на материјалите, осветлувањето и опремата – но тоа не е замерка, Peugeot 2008 веќе имаше конкурентна кабина. Ќе забележите дискретно редизајнирани инструменти, некои нови пластики и обновен инфозабавен систем преку кој се контролираат главните функционалности во автомобилот.

Поврзано:  Peugeot ја згаснува дивизијата PSE?

Peugeot 2008 сè уште има едни од најкомфорните седишта во класата, а благодарение на долгото меѓуоскино растојание и линијата на кровот патниците на задната клупа ќе имаат доволно простор.

Како и кај другите автомобили во овој сегмент, на задната клупа има доволно место за двајца патници, а по потреба (и на пократки релации) би се сместиле и тројца. Понудата на простор во багажникот останува слична како и порано – а тоа значи 410 литри багажен простор кои нараснуваат на 1400 литри кога ќе се спуштат задните седишта.

Наградуван мотор со типичен три-цилиндерски звук

Пријатно изненадување во освежениот 2008 е 1.2-литарскиот THP турбо-бензинец со кој беше опремен нашиот тестен автомобил. Малиот мотор неколкукратно освои награда за Мотор на Годината во својата категорија – а тоа сведочи за неговите перформанси. Од борбените три цилиндри на располагање имате 110 коњски сили кои сосем коректно го придвижуваат 1090 килограми тешкиот урбан SUV – но сепак треба да бидете во распонот на вртежи во кој работи турбополначот.

Забрзувањето до 100 километри на час трае 9.9 секунди а максималната брзина е 191 километар на час. Според официјалните податоци, потрошувачката во градски услови би требало да биде 5.3 литри бензин на 100 изминати километри, а ние измеривме околу 7.5 литри на 100 километри.

Комфорен по нашите не-баш-најидеални улици

Зад (малиот) управувач е токму како што очекувате – суспензијата е ориентирана кон комфор и кога ќе „притиснете“ повеќе автомобилот тежи кон подуправување, но тоа е очекувано за сегментот. Од управувачот нема да добиете премногу повратни информации, но управувањето е релативно директно, а компактните димензии го прават идеален за маневрирање во градските средини.

Поврзано:  Новиот Peugeot 3008 пристигна во Македонија!

Прегледноста е одлична благодарение на големите стаклени површини, а севкупната слика ја комплетираат и сензорите за паркирање. На крајот на денот, освежениот 2008 се покажува како компетентен соработник – како во градскиот метеж, така и на отворен пат.

Како кај сите вакви автомобили, при повисоки брзини се забележува малку поголема бучавост, но во ниту еден момент не е непријатно. Од друга страна, високата седечка позиција и комфорните седишта значат дека и подолги релации не би требало да бидат проблем. Низ град повисоката суспензија е одлична за соочување со високите ивичници и не-баш-идеалните улици.

Нашиот тестен модел дојде во Active ниво на опрема, а тоа значи клима уред, мултимедијален уред чувствителен на допир, профилирани седишта, команди на управувачот кој е пресвлечен во кожа и многу, многу други ситници. Секако – доколку ви се потребни уште „играчки“, секогаш можете да одберете едно од повисоките нивоа на опрема.

Заклучок? Тренди автомобил привлечен за помладите купувачи!

Конечните впечатоци од освежениот 2008 ја продолжуваат приказната која ја започна моделот кога се појави пред неколку години – ова е практичен, кофморен и економичен автомобил кој се снаоѓа добро како во градските средини, така и на отворен пат. Храбрите бои и интересниот дизајн го прават привлечен за помладите купувачи кои ги следат трендовите и сакаат нешто различно – а токму тоа се бара, зарем не?

  • 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
  • Моќност: 110 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 205 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 191 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.9 секунди
  • Должина: 4159 mm
  • Ширина: 2004 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1556 mm
  • Тежина: 1090  kg
  • Меѓуоскино растојание: 2538 mm
  • Багажен простор: 410 – 1400 литри
  • Потрошувачка: 7.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Peugeot 2008 1.2 PureTech Access – 15.280 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Peugeot 2008 1.2 THP 110 Active – 17.460 Евра
    Повеќе информации: Peugeot.mk
Поврзано:  Два Peugeot 9X8 хипер-автомобили ќе се натпреваруваат и на овогодинешниот Le Mans!

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.