full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 2008 1.6 HDI 92 Active – Вистински урбан кросовер со авантуристички дух!

Ретки се возилата кои неочекувано изнудуваат насмевка на лицето на возачот, но токму тоа се случи со новиот 2008 на Peugeot, кој ние први во Македонија го возевме!

Новиот 2008 на францускиот производител Peugeot се покажува како успешен модел, иако на пазарот е само неколку месеци. Веќе знаеме дека направени се илјадници нарачки од овој нов автомобил, па затоа со нетрпение го очекував моментот кога ќе седнам зад воланот на 2008.

peugeot-2008-rear

Да бидам искрен, не бев нешто особено заљубен во минатата дизајнерска насока на Peugeot. Големата, раширена „насмевка“ на предниот дел на автомобилот правеше мене автомобилите да ми изгледаат несериозно, дури малку смешно. Заради таа причина, навистина ме радува новиот стил кој дизајнерите на Peugeot го применуваат кај своите модели. Новата дизајнерска насока која започна со 208, сега продолжува и кај 2008, но повторно е забележително изменета, затегната и модернизирана.

Веднаш, 2008 изгледа различно од својата најблиска фамилија. Во периоди кога некои производители интензивно ги намалуваат визуелние разлики меѓу своите модели, навистина е освежувачки да се види модел кој изгледа уникатно меѓу останатите модели на брендот. Линиите изгледаат чисто и привлечно, а дизајнот е модерен во својата едноставност – дури може да се каже дека Французите земале малку инспирација од своите Германски конкуренти. Без разлика, дизајнот е привлечен, а ситните детали го задржуваат погледот. На предната страна вниманието го привлекува „лебдечката“ маска на ладилникот како и интересно засечените предни светла, од страна забележлива е интересната подигната кровна линија и модерните кровни носачи, а одзади окото неизбежно се завртува кон модерните светлосни структури во облик на лајва шепа и гордо поставениот знак на Peugeot.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот 2008 - и тоа во бензинска, дизелска и електрична варијанта

peugeot-2008-side

Зад воланот, односно зад воланчето возачката позиција е одлична. Седиштата се меки и комфорни, со одлична контура и поддршка. Лесно се наоѓа добра позиција за седење и возење, а прегледноста е повеќе од задоволителна, освен кон задниот дел каде видикот малку го попречуваат широките Ц-столбови. Ергономијата е на високо ниво – всушност, ова е ентериерот кој веќе добро го познавам од Peugeot 208. Инструментите се јасни и читливи, контролите се лесни и пријатни за користење, големиот мултимедијален уред осетлив на допир пријатно го освежува ентериерот и генерално, чувството во ентериерот е позитивно и освежувачко.

peugeot-2008-interior-1

Во ентериерот има доволно простор за комфорно да се возат четворица патници, а по потреба на задната клупа би можел да се смести и трет патник, но не би го препорачал тоа за подолги патувања. Благодарение на подолгото меѓуоскино растојание и интересно изведениот покрив, на задната клупа има многу место за колената и за главите на патниците. Секако, за патување е значаен и багажниот простор – во овој случај, тој изнесува 360 литри, односно 1194 литри со спуштени задни седишта – повеќе од доволно да го собере потребниот багаж за годишен одмор, а товарењето е лесно благодарение на нискиот раб на багажниот простор.

peugeot-2008-interior-2

На пат 2008 се однесува токму како што очекувам- возењето е комфорно и тивко, а благодарение на повисоката суспензија, автомобилот лесно ги апсорбира нерамнините и дупките од нашите патишта. Навалувањето во кривини е очекувано, но тоа не значи дека е непријатно. Управувањето е лесно и прецизно, токму какво што би требало да биде за еден ваков градски автомобил со авантуристички претензии. Менувачот е пријатен и лесен за користење како во градски услови, така и на отворен пат. Моментално, 2008 се нуди само со погон на предните тркала, а Peugeot сеуште нема официјално објавено за можна понуда на погон на сите четири тркала во иднина.

Поврзано:   Акциска понуда за Peugeot 208 и 2008 - во која има сè!

Тестниот автомобил дојде опремен со 1.6 литарски HDI турбо-дизелски мотор кој нуди 92 коњски сили и 230 Nm вртежен момент. Моторот се покажа како одличен избор, бидејќи благодарение на вртежниот момент кој е достапен веќе на 1750 Nm, 2008 повлекува навистина лесно. Забрзувањето до 100 километри на час трае 12.8 секунди, а максималната брзина е 182 километри на час. 2008 ме импресионираше и со потрошувачката, која се движеше некаде околу 6 литри на 100 изминати километри во градски услови.

peugeot-2008-exterior1

На крајот, можам да зборувам и за опременоста. „Мојот“ 2008 дојде во Active, односно средно ниво на опременост. Во него, покрај ABS, ESP, мноштво воздушни перници и завеси, електрика на предните прозорци, централна брава и темпомат, се најде и веќе споменатиот мултимедијален уред осетлив на допир, кожен управувач, LED дневни светла, одличен клима уред, Bluetooth и USB конекции, како и многу други практични додатоци. Би сакале да имаше и алуминиумски фелни, но тоа е достапно само во највисокото ниво на опрема, каде доаѓаат и сензори за паркирање, сензори за дожд и светлина, електрични ретровизори со автоматско преклопување и уште многу друго.

peugeot-2008-lights

Како што веќе спомнав, ретки стануваат автомобилите кои од првиот момент изнудуваат насмевки како кај возачот и патниците, така и кај случајните минувачи. Peugeot 2008 е автомобил кој ги надмина моите очекувања на многу различни начини, и на крај ми пренесе чувство на задоволство и среќа. Претпоставувам дека тоа е најдобар начин да го опишам 2008 – ова е среќен автомобил, подготвен за авантури!

peugeot-2008-exterior2

  • 1.6 литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри
  • Моќност: 92 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 230 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 182 км/час
  • Забрзување 0-100: 12.8 секунди
  • Должина: 4159 mm
  • Ширина: 1829 mm
  • Висина: 1556 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2538 mm
  • Багажен простор: 360 литри
  • Потрошувачка: 4.7 (официјална, градска), 6.0 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Peugeot 2008 1.6 eHDI 92 Active – 18.450 Евра
Поврзано:   ГАЛЕРИЈА: 2019 Авто Плус Street Show

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.