BMW ја проширува гамата на Серијата 6 со новиот 6 Series Gran Turismo – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

BMW ја проширува гамата на Серијата 6 со новиот 6 Series Gran Turismo

Новата 6 Series Gran Turismo ќе ја замени 5 Series Gran Turismo – и ќе се обиде да ги надмине критиките кои купувачите ги имаа за моделот кој неодамна се пензионираше.


Новата 6 Series Gran Turismo (или 6 GT) е значителен чекор нанапред во однос на стариот автомобил. Новиот автомобил е долг импресивни 5091 милиметар, но понизок 21 милиметар во однос на претходникот. Новиот лик влече инспирација од најновата Серија 5 (која ние неодамна ја возевме), и стандардно ќе доаѓа со LED предни светла. Интересно е што 6 GT добива и врати без рамки за прозорци!

Ентериерот е скоро ист како кај Серијата 5, но багажниот простор е поголем – па сега имате на располагање одлични 610 литри, кои нараснуваат на пештерски 1800 литри кога задните седишта се спуштени.  Кај 6 GT ќе  можат да се добијат истите „играчки“ и технологии како кај Серијата 5, а на самиот старт ќе се нуди со три мотори – понудата ќе започне со 630i Gran Turismo, кој ќе носи 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 258 коњски сили и 400 Nm вртежен момент.

Скалило погоре е 640i Gran Turismo кој носи 3-литарски линиски шест-цилиндерски мотор кој испорачува 340 коњски сили и 450 Nm вртежен момент, а на купувачите во Европа ќе им биде достапен и 630d Gran Turismo кој носи 3-литарски турбодизел кој испорачува 265 коњски сили и 620 Nm вртежен момент. На основниот бензинец му требаат 6.3 секунди до 100 километри на час, помоќниот го постигнува истото за 5.3 секунди, а на турбодизелот му требаат рамно 6 секунди „до стотка.“



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.