full screen background image
Search

Jaguar ја претстави караванската изведба на XF – добредојде XF Sportbrake!

Општоприфатен факт е дека караваните се кул. А ако не е – треба да биде! Jaguar го претстави караванскиот XF Sportbrake – и во нашите очи – изгледа фантастично!


„Исто како со XF седанот, секоја линија на новиот XF Sportbrake има конкретна намена, и креира брза силуета.“ – изјави директорот за дизајн на Jaguar, Ian Callum и додаде „Ова му дава на автомобилот многу динамичен лик, а како резултат на тоа мислам дека изгледа исто спортски, па дури можеби и поспортски од седанот.“

Според Jaguar новиот XF Sportbrake има скоро идеална дистрибуција на тежината, а стандардно ќе се нуди со воздушна суспензија. Ќе може да се добие и со погон на сите четири тркала во форма на Intelligent Driveline Dynamics системот на Jaguar, кој ја подобрува агилноста и го намалува подуправувањето. Дел од IDD се и All Surface Progress Control и Adaptive Surface Response системите кои ја подобруваат тракцијата во соодвени услови и го подобруваат управувањето.

Во понудата ќе се најдат истите погонски единици како и кај седанот – па купувачите ќе можат да го одберат 2-литарскиот турбодизел во три варијанти – со 163, 180 и 240 коњски сили, или пак 3-литарскиот турбодизел со 300 коњски сили. Доколку сакате бензинец, можете да го одберете 2-литарскиот турбо-бензинец со 250 коњски сили, или пак 3-литарскиот V6 кој испорачува 380 коњски сили.

Караванот однапред наликува на седанот, но задниот дел наликува на одличниот Jaguar F-Pace и супер-спортскиот F-Type. Интересна нова технологија е системот за прочистување на воздухот во автомобилот, кој спречува загадувачи воопшто да влезат во кабината. XF Sportbrake го добива и новиот инфозабавен систем со 10-инчен дисплеј и интеграција со паметен телефон, а ќе може да се нарача и Meridian премиум аудио систем, далечинско стартување на моторот, WiFi хотспот, и уште многу, многу други системи.

Поврзано:   Jaguar Land Rover одново ја дефинира иднината на модерниот луксуз!

Во багажниот простор ќе собере 565 литри, кои нараснуваат на 1700 литри со спуштени задни седишта, а на кровот може да се пренесе товар до 100 килограми. Нарачките се веќе започнати, а првите автомобили би требало наскоро да пристигнат кај своите сопственици.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.