ВОЗЕВМЕ: Запознавање со новата BMW 5 Series! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Запознавање со новата BMW 5 Series!

„Петката“ е своевиден стандард во гамата на BMW – токму овој модел треба да ги исполни очекувањата на наголемиот број на купувачи, и токму тука одговорноста на инженерите и дизајнерите е најголема!


Дали знаете дека Серијата 5 на BMW се произведува од сега веќе далечната 1972-ра година? Во изминативе 45 години, Серијата 5 еволуираше низ седум генерации, и денес пред нас ја имаме најновата, седма итерација на можеби најважниот модел во гамата на BMW.

Во ред, Серијата 5 можеби не е најпродаван модел на BMW, но сигурни сме дека би се согласиле со нас дека најверојатно е најважниот – токму Серијата 5 треба да понуди идеално возачко искуство, комбинирано со релативната достапност на помалите модели, и високите технологии достапни кај монолитската Серија 7.

Токму тука започнува приказната со новата Серија 5, а ние имавме одлична можност да се запознаеме со неа директно во BMW Driving Experience центарот во Maisach, близу Минхен, но и на одлично и долго возење од Минхен, па сè до Доломитите во северна Италија.

Хај-тек платформа, намалена тежина, врвни нови технологии и автономно возење!

Во BMW Driving Experience центарот имавме можност да дознаеме нешто повеќе за новите асистентски технологии кои се дел од Серијата 5, и да ги пробаме во безбедна атмосфера за потоа да можеме полесно да ги искористиме во реален сообраќај, а имавме можност и подобро да ги запознаеме динамичните карактеристики на новиот седан на импровизирана патека – повторно, сето тоа во максимална безбедност.

Новата Серија 5 дели добар дел од својата платформа со големата Серија 7, а благодарение на напредните техники при изработка, како и комбинацијата од лесни материјали, автомобилот е до 100 килограми полесен од својот претходник. Сето тоа резултира со динамично управување и подобрена економичност, а за прв пат BMW вгради и активно управување на задната оска во овој сегмент.

Сепак, пред да зборуваме за управувањето и технологиите, да зборуваме малку за дизајнот. Се забележува дека дизајнерите на BMW овој пат искористиле еволутивен пристап кон дизајнот и веднаш станува воочливо дека новиот автомобил е директен наследник на моделот кој е во заминување – нешто што не можеше да се каже за минатата генерација.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Новиот BMW M5 е најмоќниот (и најтешкиот) M5 во историјата!

На предниот дел веднаш се препознаваат традиционалните дизајнерски елементи на BMW – „бубрезите“ и големите светлосни групи продолжуваат кон истакнатата карактерна линија околу автомобилот, која пак завршува кон големите хоризонтални задни светла меѓу кои гордо стои знакот на баварскиот производител. Сè на сè – дизајнот е веднаш препознатлив како BMW, а тука е и неизбежниот Hoffmeister засек на крајот на страничните стаклени површини – детал кој веќе традиционално е дел од скоро сите седани на BMW.

Одлична кабина и технологии преземени од Серијата 7

Кога ќе ја отворите вратата, ќе ве пречека ентериер кој не само што има направено значителен чекор нанапред од минатата генерација, туку користи многу технологии кои се достапни кај големата Серија 7. Ќе се сместите во идеално-комфорно седиште и ќе најдете одлична возачка позиција (сепак зборуваме за BMW), а околу вас ќе забележите само квалитетни материјали и одлична завршна обработка.

Познавачите и фановите на BMW ќе препознаат детали кои оддаваат почит на минатите генерации на Серијата 5, но сето тоа е интерпретирано на хај-тек начин. Како на предните, така и на задните седишта има повеќе доволно простор, а возачот и патниците ќе патуваат во идеален комфор.

Автономните технологии не се само играчка – можат да бидат корисни како на отворен пат, така и во сообраќаен метеж

Кога веќе зборуваме за технологиите, мораме да ги напоменеме и технологиите за автономно возење од второ ниво кои сега можат да се добијат во Серијата 5. Новиот автомобил може самиот да вози како на отворен пат, така и низ градскиот метеж – функција која се покажа како особено практична кога „заглавивме“ во скоро еденачасовен метеж низ улиците на Минхен.

Поврзано:  BMW M3 CS на G-Power има 720 коњски сили!

Едноставно притиснете неколку копчиња – и автомобилот ќе ја преземе работата „во свои раце“, па самиот ќе ја следи коловозната лента, ќе ја намалува или зголемува брзината, а по потреба и целосно ќе застане во таканаречен „тргни-застани“ сообраќај. Импресивно!

Моќни, рафинирани и економични погонски единици

Имавме можност да пробаме неколку различни погонски единици, во комбинација со погон на задните или xDrive погон на сите четири тркала. Меѓу достапните возила, имавме можност да се запознаеме со турбо-дизелските 520d и 530d, како и турбо-бензинските 530i и 540i. Иако очекувавме одлични перформанси од сите модели, мораме да напоменеме дека вистинско изненадување во гамата е моделот 520d.

Основниот турбодизел сега има на располагање 190 коњски сили при 4000 вртежи во минута и 400 Nm вртежен момент достапни од само 1750 вртежи во минута – бројки резултираат со забрзување „до стотка“ за 7.5 секунди и максимална брзина од 238 километри на час – перформанси кои сме сигурни дека се повеќе од доволни за скоро сите ситуации.

Секако, доколку сакате повеќе – тука е моќниот 530d кој има два цилиндри повеќе, вкупно 265 коњски сили и 620 Nm вртежен момент (и соодветно постигнува 100 километри на час за 5.7 секунди и максимални 250 километри на час), а за љубителите на бензинците имавме можност да се дружиме и со 530i кој има 252 коњски сили и 350 Nm вртежен момент, како и моќниот 540i со 340 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. Токму оваа изведба се покажа како една од најзабавните за возење, највеќе заради опуштениот карактер на моторот и перформансите кои беа достапни со само едно едноставно притискање на педалата за гас.

Забавно зад управувачот, доминантно на отворен пат

Всушност, сите верзии кои имавме можност да ги пробаме се покажаа како одлични транс-континентални крстосувачи – моќта, комфорниот ентериер и врвните технологии достапни кај Серијата 5 го прават овој автомобил еден од најкомпетентните на пазарот. Секако, управливоста и динамиката се меѓу најсилните адути на BMW – и верувајте ни дека ќе бидете позитивно изненадени кога ќе седнете зад воланот на Серијата 5 и ќе ја насочите кон кривулести патишта.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: BMW ја претстави новата Серија 1

Нашата рута не однесе од Минхен, преку Австрија кон Доломитите во Италија – и најлесниот начин да го опишеме тој предел е да ви кажеме да ги замислите рекламите за Милка чоколадите. Природата е прекрасна, а кривулестите планински патишта се како создадени за љубителите на возењето.

Благодарение на задниот погон, но и можноста за управување на задната оска (кое на пониски брзини ги насочува тркалата во спротивна насока од предните, за подобра управливост, а на повисоки брзини во иста насока како предните, за поголема стабилност), чувството кога седите во Серијата 5 е како да сте во многу, многу помал автомобил. Подготвеноста со која Серијата 5 ја менува својата насока на движење е изненадувачка – со оглед на тоа дека ова е голем автомобил!

Управувањето е директно и прецизно, и лесно е да препознаете што било кое тркало прави во секој момент. Да, кога ќе претерате задната оска сака „да заигра“ – но сето тоа е лесно и интуитивно за контролирање – немајте никаков сомнеж, ова е вистински возачки автомобил!

И конечно, какви се впечатоците од новата Серија 5? Иако нашето време со новиот луксузен германски седан беше кратко, сепак имавме можност да ги запознаеме неговите квалитети. BMW повторно цели на самиот врв во сегментот – нуди бескомпромисно чувство зад управувачот, во комбинација со премиум материјали и изработка, врвни технологии и одлична безбедност. Сето тоа резултира со автомобил кој има големи амбиции – но според она што го видовме, нема да има никакви проблеми да ги оствари!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.