ВИДЕО: Посета на BMW Driving Experience академијата во Maisach! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВИДЕО: Посета на BMW Driving Experience академијата во Maisach!

За време на неодамнешното запознавање со новата Серија 5, имавме можност да ja посетиме и BMW Driving Experience академијата на баварскиот производител, лоциран близу до Минхен, Германија!

Новата „Петка“ со себе носи многу нови технологии – технологии кои многумина можеби ќе ги отфрлат како „играчки“ и непотребни, но ние имавме можност да се увериме дека се корисни и практични.

Автономни технологии – корисни како на отворен пат, така и во градскиот метеж

Како дел од тие технологии, се и системите за автономно управување на возилото. Овие технологии се од второ ниво (односно Level 2) на автономност, и можат да преземат контрола врз возилото но само во ограничени интервали и со периодични команди од возачот. Дополнително, второто ниво на автономност означува дека иако автомобилот може самиот „да се вози“, сепак одговорноста во било каков несреќен случај или при сообраќајна незгода сепак останува кај возачот. Идеалната цел кој која се стреми индустријата е автономност од петто ниво (Level 5), каде автомобилот не само што има целосна контрола врз управувањето, туку ја презема и одговорноста за сето возење, а автомобилите ќе можат да се користат и без возачка дозвола.

Сепак, новата BMW Серија 5 може самата да го преземе управувањето – како на отворен пат, така и во градскиот метеж. На отворен пат возилото само ќе ја зголемува и ќе ја намалува брзината, ќе влегува во свиоци и по потреба и ќе запира. Имавме можност и самите да се увериме – и системот навистина функционира, и тоа при брзини до (импресивни!) 210 километри на час! Во зависност од брзината на движење потребата за интеракција со возачот станува почеста или поретка – па ако се движите со поголема брзина, почесто ќе треба да го допирате управувачот (доволно е само да го допрете, за возилото да знае дека сте таму), а ако брзината на движење е побавна, тогаш поретко. Во градски услови на „тргни-застани“ возење, овој бројач се рестартира секогаш кога возилото ќе запре – па технички, ако сте во навистина голема гужва – можеби ќе поминат часови без воопшто да треба да го допрете управувачот! Одлично!

Корисни и практични системи за автоматско паркирање

Понатаму, особено корисни и практични се системите за автоматско паркирање. Иако системите за автоматско паркирање не се особено нови (постојат веќе неколку години, и се логичен напредок на сензорите за паркирање), новитет е системот за паркирање „со далечинско“. Односно – доколку ја одберете опцијата кога ќе ја нарачувате вашата Серија 5, ќе добиете клуч кој функционира како далечински управувач и ви овозможиува од далечина да го стартувате возилото, да го подготвите за вашето патување (на пример – да го вклучите клима уредот), и што е најважно – да го внесете во или да го извадите од тесно паркинг место. Со едноставно притискање на неколку копчиња на „далечинското“, вашиот автомобил самиот ќе влезе во или ќе излезе од паркинг место, без притоа да се оштети – сето тоа благодарение на сите системи кои се дел од автомобилот.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: BMW го најавува новиот iX3 со Vision Neue Klasse X

Тест на динамичност на импровизирана тркачка патека!

Конечно, имавме можност и самите да ја повозиме новата BMW Серија 5 на импровизирана тркачка патека, која е дел од BMW Driving Experience центарот. Зад воланот на новиот BMW 530d имавме одлична можност подобро да го запознаеме новиот спортски седан на баварскиот производител. Мораме да го истакнеме одличниот автоматски менувач со двојна спојка кој одлично одговара со подинамичен стил на возење и подготвен е рафално да префрли од еден степен на пренос во друг, и истовремено повторно ќе го споменеме системот за активно управување на задната оска – систем кој го прави големиот седан значително подинамичен а во кабината дава чувство како да сте во многу помал автомобил. Погледнете!

BMW Driving Experience академијата е несекојдневно и возбудливо искуство. Покрај можноста да се пробаат различните технологии кои ги нудат автомобилите на BMW, одлична е можноста да се истражат динамичните карактеристики на овие автомобили во контролирана и безбедна околина. Сето ова ја прави посетата не само едукативна – туку навистина корисна, и со задоволство би ја препорачале на сите кои имаат можност да ја посетат. Дел од академијата е и оддел наменет за автомобили од М-дивизијата и нивните сопственици, каде тие ќе научат да го извадат вистинскиот максимум од своите спортски автомобили!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.