Со тукушто-објавениот концепт, BMW ја најавува реинкарнацијата на Серијата 8 која треба да се врати на пазарот следната година и да се бори со супер-луксузната конкуренција!
Концептот ќе биде официјално претставен оваа седмица на Concorso d’Eleganza Villa d’Este, и е своевидна директна најава за идниот знаменосец на брендот. Замислена да биде вистински GT (Grand Tourer) автомобил, новата Серија 8 ќе дојде на пазарот следната година и ќе се впушти во борба со директните конкуренти кои доаѓаат од Германија и Обединетото Кралство.
Дизајнот е дефинитивно футуристички, но можеме да забележиме детали кои оддаваат почит на историјата на BMW. Сепак, свежиот дизајн е неизбежен, и иако серискиот автомобил ќе биде „посмирен“ од концептот, можеме да очекуваме авантгарден автомобил кој ќе биде тотална алтернатива од етаблираните модели во овој сегмент.
Концептот е поставен на големи, 21-инчни тркала развиени специјално за него, и носи уникатна Barcelona Grey Liquid боја. Дизајнот е типично купе-овски. Големите отвори за воздух во браниците сугерираат дека се работи за модел со високи перформанси, и севкупниот дизајн успешно ги сплотува луксузниот стајлинг кој е потребен во овој сегмент со спортскиот дух кој се очекува од BMW.
Истата приказна за спортски луксуз продолжува и во кабината. Управувачот е израбоен од карбон, но обвиен во кожа, а за во ентериерот е користена Мерино кожа во две нијанси – темно кафена и Фјорд бела. Оваа комбинација изгледа идеално со деталите од алуминиум и карбон, а Swarovski контролерот за iDrive системот го заокружува скапоцениот амбиент.
Всушност, Adrian van Hooydonk, подпретседателот во BMW групацијата одговорен за дизајн совршено го опишува концептот – „ова е полнокрвна, премиум возачка машина – спортски автомобил кој ги олицетворува динамичноста и модерниот луксуз како ниту еден друг. За мене, ова е парче целосна автомобилска фасцинација.“ Одлично кажано – едвај чекаме да дојде следната година!