КОНЦЕПТ: Volkswagen I.D. Buzz Concept – Електричен микро-автобус од иднината! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

КОНЦЕПТ: Volkswagen I.D. Buzz Concept – Електричен микро-автобус од иднината!

На саемот на автомобили во Детроит, германскиот производител го претстави новиот I.D. Buzz Concept кој всушност е најава за вториот електричен автомобил на брендот.

Buzz ги следи насоките кои Volkswagen ги постави со BUDD-E, но и со електричниот I.D. минатата година. Концептот е дизајниран како наследник на легендарниот Microbus, но со електричен погон на сите четири тркала и цела гама на напредни технологии.

Концептот користи голема батерија со капацитет од 111 kWh која соработува со еден електромотор на предната, и еден електромотор на задната оска. Вкупната системска моќност е 370 коњски сили, додека забрзувањето до 100 километри на час трае само 5 секунди. Според северноамериканските мерења, електричниот Buzz може да помине околу 435 километри со едно полнење.

Сепак, меѓу најважните новитети мораме да го истакнеме фактот дека 80 проценти од батеријата можат да бидат наполнети за помалку од 30 минути – со соодветен полнач, секако. Концептот е поставен врз MEB платформата на Volkswagen групацијата наменета за електрични возила, па врз основа на тоа од Volkswagen кажуваат дека најверојатно во иднина би се понудила уште една верзија со погон само на задните тркала, моќност од 268 коњски сили и помала батерија од 83 kWh.

Секако, како и I.D. концептот претставен во Париз минатата година, I.D. Buzz Concept нуди автономно возење – од Volkswagen истакнуваат дека ова е првото повеќенаменско возило на светот кое нуди вистинско автономно возење. Со едноставно притискање на копче, управувачот се вовлекува во панелот со инструменти и Buzz може самиот да продолжи. Технологијата користи ласерски сензори, ултрасонични сензори, радар сензори, странични камери и предна камера. Според Volkswagen, технологијата би можела да стане достапна во 2025-тата година.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Светска премиера во чест на 50-годишнината - Volkswagen го претстави освежениот Golf 8

Бидејќи MEB платформата дозволува модуларност и ниска поставеност на погонските елементи, ентериерот е искористен максимално – па седиштата во кабината можат да бидат свртени наназад, задните седишта можат да бидат налегнати, а во средината е поставена голема работна површина. Интересно, нели?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.