ТЕСТ: SEAT Ateca 2.0 TDI 4Drive XCELLENCE – Компактен SUV со германски гени и шпански дух! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: SEAT Ateca 2.0 TDI 4Drive XCELLENCE – Компактен SUV со германски гени и шпански дух!

Првиот вистински SUV на SEAT ветува многу – а ние поминавме неколку дена со Ateca опремена со 2-литарски TDI, во највисокото, XCELLENCE ниво на опрема!

Дали се сеќавате на Seat Altea Freetrack? Да? Заборавете ја – новата Ateca е првиот вистински SUV на SEAT. Во ред, сега кога го решивме тоа прашање, можеме да се посветиме на важните детали.

Рецептот е лесен. Земете ја MQB платформата која веќе широко се користи низ брендовите на Volkswagen групацијата, изберете модерни мотори, капнете неколку капки погон на сите четири тркала и напрскајте либерална количина шпански карактер – и ја добивате Ateca!

Ateca ја интерпретира тековната дизајнерска насока на SEAT во нова форма за брендот.

Ateca ја зема моменталната дизајнерска насока на SEAT и ја интерпретира во нова форма за брендот. Замислете го одличниот Leon, но трансформирајте го во современ SUV и она што ќе го добиете е привлечен и модерен автомобил. Дизајнерите на SEAT решиле да ги заобиколат флуидните линии кои се некако преприсутни кај конкурентите, и да понудат дизајн кој е остар, дециден и самоуверен.

На предната страна доминираат големите LED светлосни групи со вградени дневни светла и широките отвори за воздух. Страничните линии се покласични (и од овој агол Ateca највеќе наликува на својот брат од Volkswagen – новиот Tiguan), а на задниот дел вниманието го задржуваат светлосните групи и интересните „прекршени“ линии на поклопецот од багажниот простор. Сè на сè, Ateca изгледа модерно, привлечно и динамично.

На екстериерот ни се допаднаа и ситните детали како двојните завршетоци на издувниот систем, 18-инчните фелни и заштитните пластики околу целиот автомобил, кои на Ateca и даваат поробустен изглед. Ние би избрале похрабра боја од онаа на нашиот тестен автомобил, но инаку – други замерки на дизајнот немаме.

Ентериерот е динамичен и практичен – ако сте седеле во Leon, кабината ќе ви биде веднаш препознатлива

Ако сте седеле во новиот Leon, тогаш Ateca ќе ви биде веднаш препознатлива. Дизајнот и распоредот на инструментите е идентичен како кај хечбекот, но во Ateca кабината е дополнително „разиграна“ со неколку детали во боја. Скоро сите површини се обложени со меки и убаво-текстурирани материјали, а главниот примат го зема токму големиот мултимедијален уред со вградена навигација и SEAT FullLink – односно Android Auto, Apple Carplay и MirrorLink поврзување.

Поврзано:   Cupra оди во Америка!

Ергономијата е типично германска – сите команди се токму онаму каде очекувате да бидат, возачката позиција е одлична, а благодарение на големите стаклени површини, и прегледноста е задоволителна. Во ред, прегледноста кон задниот дел е малку попречена, но тоа е забелешка за сите вакви автомобили, а нашиот тестен автомобил имаше паркинг камера и паркинг сензори, па лесно се маневрира и во потесни улички.

Возачот и совозачот ќе седат удобно на привлечните седишта, а на задната клупа комфорно ќе се сместат двајца, па дури и тројца патници. Патниците на задната клупа ќе имаат повеќе од доволно простор како за главите, така и за колената бидејќи Ateca е поставена на малку подолга платформа од онаа на Leon. Ова резултира и со повеќе багажен простор – на располагање имате 485 литри кај верзиите со погон на сите четири тркала, односно 510 литри кај оние со погон само на предните тркала.

Широка лепеза на мотори, одличен 2-литарски турбодизел со 150 коњски сили!

Гамата на погонски единици кај Ateca започнува со 1-литарскиот TSI кој нуди 115 коњски сили, а на самиот врв е 2-литарскиот TDI кој нуди 190 коњски сили. Нашиот тестен модел дојде опремен со 2-литарски TDI кој нуди 150 коњски сили и мануелен менувач, како и погон на сите четири тркала. Очекуваме токму овој мотор да биде најпопуларен на нашиот пазар – и има зошто. Моќниот турбодизел кој нуди 150 коњски сили и 340 Nm вртежен момент лесно го придвижува големиот SUV – според официјалните податоци, 100 километри на час се постигнуваат за рамно 9 секунди, а максималната брзина е 197 километри на час.

Поврзано:   SEAT Ibiza наполни 40 години!

Според SEAT, вака опремана Ateca троши 5.1 литар дизел гориво на 100 изминати километри во комбинирани услови на возење. Ние измеривме просечни 7 литри на 100 километри – бројка која воопшто не е лоша за волку голем автомобил со погон на сите четири тркала.

Онаму каде се гледа вистинскиот шпански карактер на Ateca е на пат. Бидејќи SEAT е спортскиот бренд во Volkswagen групацијата, Ateca е токму она што очекувате – стабилна и динамична. Суспензијата е поцврста од онаа кај директните конкуренти, но не е непријатно и некомфорно цврста. Од друга страна – директен резултат на поцврстата суспензија е одличната управливост – едноставно, Ateca како да не е SUV. Ateca реагира подготвено на сите команди од управувачот, менувачот е директен и прецизен за користење, а каросеријата не се навалува премногу (односно, скоро воопшто) во свиоци. Во ред, ова можеби нема да биде по сечиј вкус – но оние кои сакаат малку подинамично возење ќе уживаат во карактерот на шпанскиот SUV.

Многу, многу опрема и врвна безбедност

Како и секогаш, мораме малку да зборуваме за опременоста и безбедноста. Како што веќе напоменавме, нашиот тестен автомобил беше во највисокото – XCELLENCE – ниво на опрема. Тоа значи дека нашиот тестен модел дојде со големите 18-инчни тркала, веќе-споменатиот мултимедијален уред, одлични LED предни светла, светло за добредојде во страничните ретровизори, автоматски клима уред, електрична паркинг-кочница, електрика на сите прозорци, паркинг камера и сензори за паркирање, Seat Drive систем за избор за режим на возење, спортски седишта делумно покриени со алкантара, и уште многу, многу други ситници.

Поврзано:   Cupra оди во Америка!

Секако, Ateca не заостанува ни на полето на безбедноста – дел од стандардната опрема се 7 воздушни перничиња и цела гама на безбедносни системи. Ateca е веќе тестирана на EuroNCAP тестирањата, каде освои максимални 5 ѕвездички.

Дали рецептот на SEAT е успешен?

Ateca е интересен новитет во сегментот. Конкурентите во оваа категорија доаѓаат како од Европа, така и од далечниот Исток – и сите конкуренти се на пазарот веќе долго време, имаат етаблирани имиња и лојални купувачи. Но влезот на SEAT во овој сегмент е силен и самоуверен – Ateca е привлечен, практичен и економичен SUV кој истовремено може да ја игра улогата на семеен транспортер, но и динамичен сопатник за оние со похрабар дух.

Значи – конечно, можеме да се навратиме на рецептот за кој пишувавме на почетокот, и да го одговориме прашањето – рецептот е едноставен, но дали е успешен? Секако!

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 150 коњски сили / 3500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 340 Nm / 1750 – 3000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 197 км/час
  • Забрзување 0-100: 9 секунди
  • Должина: 4363 mm
  • Ширина: 1841 mm без странични ретровизори
  • Висина: 1601 mm
  • Тежина: 1548 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2638 mm
  • Багажен простор: 485 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 5.1 литар (официјална, комбинирана) 7.2 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: SEAT Ateca 1.0 TSI Reference – 18.990 Евра
  • Цена на тестираниот модел: SEAT Ateca 2.0 TDI 150 4Drive XCELLENCE – 31.316 Евра
    Повеќе информации: SEAT.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.