Доминацијата на Peugeot на овогодинешниот Дакар е тотална – Stephane Peterhansel стигна до првата позиција, а францускиот бренд слави 1-2-3 победа!
Stephane Peterhansel заслужено го зема прекарот „Mr. Dakar“ – тој е најуспешниот натпреварувач на легендарното рели, со седум победи во класификацијата на автомобили и шест кај моторциклите. Но неговата овогодинешна победа го потврдува и неговиот спортски дух – по несакан контакт со моторциклистот Simon Marcic, тој остана покрај повредениот моторциклист сè додека не пристигнаа екипите за прва помош. Времето му беше вратено, а на самиот крај тој имаше 5-минутна предност пред тимскиот колега Sebastien Loeb.
На самиот крај, подиумот беше обвиен во француските бои. На врвот се најде Peterhansel, 5 минути зад него заврши рели-легендата Sebastien Loeb, а на третата позиција со 33 минути закаснување заврши Cyril Despres. Со ова, францускиот производител Peugeot освои убедлива 1-2-3 победа на овогодинешното издание на незаменливото Dakar Rally. Сите возачи го возеа новиот Peugeot 3008 DKR кој не само што го продолжи, туку и го надмина успехот на минатогодинешното возило.
Одличен резултат за францускиот тим! Им честитаме за убедливата победа и им посакуваме да продолжат со успесите! Браво, Mr. Dakar!