full screen background image
Search

Официјално: Целосно новиот Hyundai i30

По неколкуте најави, Hyundai и официјално ја претстави најновата, трета генерација на популарниот хечбек i30!

Официјалната премиера е закажана за саемот на автомобили во Париз на крајот на овој месец, но Hyundai веќе ги објави првите фотографии и детали од новиот i30. Како што веќе знаеме, корејскиот производител планира цела гама на возила кои ќе ја носат ознаката i30 (која вклучува караван, но и знаменосец во форма на спортскиот i30 N) – а тоа е важно, бидејќи i30 е вистински европски автомобил – дизајниран, развиен, тестиран и произведен во Европа!

Новиот i30 е долг 4340 милиметри, широк 1795 милиметри и висок 1455 милиметри, со меѓуоскино растојание од 2650 милиметри. Новиот автомобил е значително подолг, поширок но и понизок од својот претходник, но меѓуоскиното растојание останува исто. Ќе се нуди багажен простор со зафатнина од 395 литри, односно 1301 литар со спуштени задни седишта.

hyundai-i30-interior

Вистинското освежување доаѓа во ентериерот, каде Hyundai нуди европеизирана интерпретација на својата филозофија. Највеќе внимание одзема 8-инчниот LCD мултимедијален уред чувствителен на допир во кој се интегрирани навигацијата, задната паркинг камера, аудио уредот, Bluetooth поврзувањето како и можностите за Apple CarPlay и Android Auto поврзување со паметни телефони.

Новиот i30 ќе се бори со докажани и силни конкуренти, па затоа ќе ги нуди и најновите безбедносни системи во класата – списокот на системи е долг, но вклучува автоматско кочење во итни случаи, систем за превенција на фронтални удари, паметен темпомат, детекција на возило во „слепата точка“, детекција на сообраќај и пешаци зад возилото, систем за следење на лентата на возење, систем за информирање на максималната дозволена брзина и систем за автоматска регулација на долгите светла.

Поврзано:   ИНТЕРВЈУ: Михаил Терпини, Ми-Да Гранд Моторс - Работењето со глобални брендови носи бенефити, но и голема одговорност!

Новитет е Driver Attention Alert системот на Hyundai кој го следи возењето на возачот и помага при препознавање на замор и спречување на несакани несреќни случаи. Системот ги анализира аголот на управувачот, позицијата во сообраќајната лента, времето на возење и уште некои параметри, и доколку забележи невнимателно возење го известува возачот преку звучен сигнал како и сигнал на контролната табла.

hyundai-i30-rear

Моторната понуда ќе се состои од три бензински и три турбодизел мотори. Бензинската понуда започнува со 1.4-литарскиот MPI со 100 коњски сили и 135 Nm вртежен момент. Над него е 1-литарскиот три-цилиндерски турбо-бензинец со 120 коњски сили и 170 Nm вртежен момент, а на самиот старт врв во бензинската понуда ќе биде нов 1.4-литарски турбо-бензинец со четири цилиндри и директно вбризгување кој ќе испорачува 140 коњски сили и 242 Nm вртежен момент.

Боите на турбодизелите ќе ги брани 1.6-литарски мотор достапен во три изведби – основната со 95 коњски сили и 280 Nm, помоќната со 110 коњски сили и 280 Nm и врвната со 136 коњски сили и 300 Nm вртежен момент. Во зависност од избраниот мотор, возачите ќе можат да изберат меѓу 6-степен мануелен менувач или 7-степен автоматски менувач со двојна спојка.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.