ОФИЦИЈАЛНО: Новата Porsche Panamera – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ОФИЦИЈАЛНО: Новата Porsche Panamera

Германскиот Porsche ја претстави новата, втора генерација на популарната Panamera – која доаѓа со нов дизајн, нови технологии и нови мотори – и најдобриот заден спојлер на светот!

Од Porsche со гордост изјавуваат дека концептот за Panamera е целосно изменет, и редизајниран „до последниот детал“. Со новата Panamera, Porsche сака да се бори уште посилно со германските, но и со италијанските луксузни седани.

Новата генерација е подолга, пониска и со подолго меѓуоскино растојание, па веќе ги нема малку чудните пропорции од првиот модел. Поспортската силуета дури наликува на купе благодарение на редизајнираната кровна линија и иако новиот автомобил веднаш се препознава дека е Panamera, изгледа доволно различно од претходниот модел. Со кратките надвисоци на предниот и задниот дел, во нашите очи наликува на Cayman и на 911 – а тоа не е лоша работа. Плус, го има најдобриот заден спојлер на сите времиња!

Покрај екстериерот, и ентериерот добива целосно нов дизајн, очигледно инспириран од 911, но и екстремниот 918 Spyder. Веднаш се забележува големиот огромниот 12.3-инчен централен дисплеј чувствителен на допир кој е од најновата генерација на Porsche Communication Management (PCM) системот – а дури и патниците на задните седишта добиваат мултимедијален екран. На располагање стојат 495 литри багажен простор кои нараснуваат на 1304 со преклопени задни седишта. Купувачите ќе можат да нарачаат и панорамски кров, седишта со масажа, амбиентално осветлување и аудио систем од Burmeister.

porsche-panamera-interior

Новата Panamera ветува многу забава и зад воланот. Базирана на новата MSB платформа на Porsche, ќе нуди цела лепеза на стандардни (или опционални) системи кои би требало да го направат уживањето незаборавно. На самиот почеток, тука е адаптивната воздушна суспензија со три-коморна технологија, електронска контрола на амортизерите, напредна контрола на шасијата со систем за контролирање на вртежниот момент, активна стабилизација и ново управување. За прв пат Panamera ќе добие и управување на задните тркала кое веќе се нуди во 918 и 911 Turbo.

Поврзано:   Македонска премиера на новата Porsche Panamera!

Купувачите ќе можат да изберат меѓу новиот 2.9-литарски турбо V6 како и 4-литарски V8 доколку сакаат бензиенец, или пак 4-литарски V8 турбодизел со перманентен погон на сите четири тркала. Сите мотори се поврзани со нов 8-степен менувач со двојна спојка. Новиот, 2.9-литарски битурбо V6 кој се нуди во Panamera S нуди 440 коњски сили и 550 Nm вртежен момент – доволно за спринт до 100 километри на час за 4.4 секунди (односно 4.2 секунди со Sport Chrono пакетот) и максимална брзина од 289 километри на час. На врвот на понудата е Panamera Turbo со 550 коњски сили и 770 Nm вртежен момент, благодарение на 4-литарски битурбо V8. Опремена со овој мотор, Panamera Turbo забрзува до 100 километри на час за скоро неверојатни 3.8 секунди (односно 3.6 со Sport Chrono) и постигнува максимални 306 километри на час.

porsche-panamera-rear

За оние порационалните, тука е Panamera S4 Diesel со 4-литарски V8 турбодизел кој испорачува 422 коњски сили и монументални 850 Nm вртежен момент. Ова е најмоќното сериско Porsche со дизел мотор во историјата на брендот – и нуди забрзување до 100 километри на час за 4.5 секунди (4.3 со Sport Chrono) и максимална брзина од 285 километри на час.

Од Porsche најавуваат дека понатаму ќе бидат додадени и други погонски варијанти во понудата. Секако, неизбежно е пристигнувањето на Panamera Hybrid, а во понудата би требало да се најде и целосно-електрична варијанта. Европските цени ќе започнуваат од околу 113.000 евра за Panamera 4S, 116.000 евра за Panamera 4S Diesel и 153.000 евра за Panamera Turbo. Подготвени?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.