full screen background image
Search

ЗАПОЗНАВАЊЕ: Прв контакт со новиот Volvo S90!

Во Љубљана се одржа првата презентација на новиот Volvo S90 на Балканот, а ние имавме можност одблиску да го погледнеме новиот знаменосец на шведскиот бренд!

Со новиот S90, Volvo сака да отиде чекор погоре. Желбата на шведскиот производител е да понуди не само премиум автомобил, туку и целосно премиум искуство. Затоа, Volvo оди чекор понатаму и повторно се открива себеси. Тој процес започна во 2014 со XC90, а сега приказната продолжува со новиот S90.

Луѓето од Volvo со гордост зборуваат за скандинавскиот дизајн

volvo-s80-reveal

Ако S90 ни се допаѓаше како изгледа на фотографии, тогаш во живо е уште поимпресивен. Луѓето од Volvo со гордост зборуваат за скандинавскиот дизајн, и верувајте – има зошто. Уште додека автомобилот беше покриен, препознатливи беа чистите и достоинствени линии, но кога покривката ја снема, она што го видовме навистина изгледаше одлично. Вистинските премиум дизајни се безвременски – не се подложни на некои моментални трендови, туку се навраќаат на класичните линии и истовремено гледаат кон иднината. Токму тоа и го добиваме кај S90 – ќе ги препознаете класичните седан линии, но со многу модерни елементи.

volvo-s80-reveal-side1

Првиот и најголем впечаток го остава предниот дел, односно предните светлосни групи со LED технологија и дневни светла во облик на чеканот на Тор. Иако тој дизајн веќе го видовме кај XC90, кај S90 е уште поубедлив. Истата приказна за едноставни и модерни линии се проткајува околу целиот автомобил, па S90 настапува достоинствено и самоуверено.

Чувството во ентериерот може да се опише единствено како премиум

volvo-s80-reveal-interior2

Ентериерот изгледа модерно, комфорно и авантгардно. Ќе препознаете детали кои веќе ги познаваме, но кај S90 се доработени и уште попривлечни. Во кабината има многу светлина и на прв контакт повеќе од доволно простор, а чувството во ентериерот може да се опише единствено како премиум. Преовладуваат високо-квалитетни материјали и комфорот е на прво место, а сите команди се интуитивни и лесни за користење – всушност, луѓето од Volvo се горди што во S90 има само 8 физички прекинувачи во целиот автомобил!

Поврзано:   Volvo исфрли автомобили од 30 метри висина во името на науката

volvo-s80-reveal-interior1

Секако, Volvo не би бил Volvo доколку не се концентрира на безбедноста – па и кај S90 продолжува силното движење кон Volvo 2020 инцијативата на брендот. Согласно планот на шведскиот производител, од 2020 година во нов автомобил на Volvo не би требало да има ниту загинат патник, ниту некој посериозно повреден. Ова е одлична иницијатива на брендот и е вистински одговор на она што треба да биде примарна цел – безбедноста.

volvo-s80-reveal-rear1

Моќни турбо-бензинци и турбодизели, но и импресивен хибрид со преку 400 коњски сили!

Во S90 ќе се вградуваат турбо-бензински и турбодизел мотори, но ќе има и хибридна T8 изведба. Понудата на бензинци ја сочинуваат T5 со 254 коњски сили и 350 Nm вртежен момент, T6 AWD со 320 коњски сили и 400 Nm вртежен момент, како и Т8 Twin Engine хибридот кој нуди вкупна системска моќност од 407 коњски сили и 640 Nm вртежен момент. Доколку сакате турбодизел, тука се D4 со 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент, како и помоќниот D5 со 235 коњски сили и 480 Nm вртежен момент. Кај турбодизелите ќе се нуди и PowerPulse технологијата за елиминирање на турбо лаг за која веќе еднаш пишувавме.

volvo-s80-reveal-rear2

Првиот контакт со S90 е одличен и на прво гледање, новиот голем шведски луксузен седан ветува многу. Останува да почекаме до официјалната презентација кај нас, но и можноста и самите да седнеме зад воланот и да го искусиме автомобилот. Сепак, мораме да признаеме – S90 изгледа одлично, ветува многу и има многу силни адути со кои ќе се бори со директните конкуренти!

Поврзано:   Volvo исфрли автомобили од 30 метри висина во името на науката



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.