Ferrari F12 Berlinetta добива широк бодикит и 780 кс од Novitec Rosso! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Ferrari F12 Berlinetta добива широк бодикит и 780 кс од Novitec Rosso!

Италијанската тјунинг компанија Novitec Rosso го претстави нивниот F12 N-Largo S пакет наменет за Ferrari F12 Berlinetta, кој вклучува естетски модификации и подобрувања на перформансите.

Пакетот содржи широк боди кит со нови браници, проширени крила, вентилирачки поклопец на моторот, аеродинамични странични прагови, кровен и карбонски заден спојлер, а тука се и карбонски капаци на ретровизорите и затемнети стакла.

Моделот е поставен на 21 и 22 инчни ковани алуминиумски фелни обвиени во Pirelli P Zero пневматици. Novitec нуди и спортски пружини кои ја намалуваат височината на возење за околу 40 милиметри и опционален систем кој го подигнува предниот дел за 40 милиметри за да го направи влегувањето во паркинг гаражи помалку страшно за сопствениците.

Под поклопецот се наоѓа 6.3-литарскиот V12 агрегат опремен со модифицирана компјутерска единица и спортски издувен систем со четири издувни цевки. Овие измени се релативно мали, но тие му овозможуваат на автомобилот да произведе 780 кс и 720 Nm вртежен момент. Благодарение на зголемената сила, N-Largo S забрзува од 0-100 км/ч за приближно три секунди пред да ја достигне максималната брзина од 350 км/ч.

Производството ќе биде строго ограничено на само 11 единици, но не е објавена цената за оваа конверзија.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.