full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford Focus 1.6 TDCI Titanium – Огромни чекори нанапред!

Третата генерација на Ford-овиот компактен хечбек доби не баш незначително освежување, а ние поминавме неколку дена со фејслифтираниот модел, опремен со 1.6-литарски турбодизел со 95 коњски сили!

Со фејслифтирањето кое се случува кон средината на животниот век на еден модел, производителите се обидуваат да ги модернизираат своите автомобили, да ги поправат ситните грешки и недостатоци и да понудат автомобил кој ќе ги исполни и надмине очекувањата на своите купувачи. Focus и не е така стар модел, но неодамна доби прилично значително освежување кое воведе забележително изменет преден дел, ситни но значителни подобрувања, но и нови технологии – одлична можност ние повторно да поминеме неколку дена со германскиот хечбек и повторно да се увериме во неговите квалитети.

ford-focus-carclub-frontwide

Иако неодамна поминавме ден-два со Ford Focus ST во Келн, сепак тоа е екстремна и не толку секојдневна верзија – па со задоволство ја прифативме понудата да се дружиме и со обичната – „цивилна“ – изведба на Focus, и тоа по македонските патишта. На располагање имавме фејслифтиран Focus во Titanium ниво на опременост и со 1.6-литарски турбодизел под поклопецот – комбинација која скоро секому би му била привлечна!

Ова е еден од ретките случаи каде би рекле дека фејслифтираниот модел изгледа подобро од „оригиналот“.

ford-focus-carclub-frontside

На самиот почеток, да зборуваме малку за дизајнот. Веднаш се забележува дека предниот дел изгледа почист и позрел. Не дека пред фејслифтот Focus беше непривлечен автомобил, но дефинитивно сега изгледа посмирено и подостоинствено. Ги нема многуте линии кои „се кршеа“ на предницата и малку чудните предни светлосни групи – сега сето тоа е заменето со почисти и поелегантни линии кои барем во нашите очи изгледаат значително подобро. Особено ни се допаѓаат новите светлосни групи кои малку асоцираат на еден британски бренд со одлично спортско педигре – сигурни сме дека веднаш ќе ви текне за кој бренд зборуваме.

Поврзано:   Вечерно Кино: Кен Блок го „откорна асфалтот“ од патот на планината Тианмен

ford-focus-carclub-rear

Профилот останува непроменет, но затоа се забележуваат измени на задниот дел – поедноставени се петтата врата и задните светлосни групи кои исто како и предните изгледаат почисто и попривлечно. Севкупно ни се допаѓа визуелното освежување на Focus – всушност, ова е еден од ретките случаи каде би рекле дека фејслифтираниот модел изгледа подобро од „оригиналот“.

Сепак, подобрувањата не се само визуелни – од Ford гордо истакнуваат дека е работено и „под кожата“ – веднаш се забележува подобрената звучна изолација (детал кој станува особено очигледен на отворен пат), но и ревидираната суспензија која сега подобро ги впива нерамнините и несовршените каратерни линии на нашите патишта. Од Ford објаснуваат дека ова е постигнато благодарение на нови амортизери и нови чаури кои сега нудат значително подобрен комфор. Она што останува непроменето е карактеристичното управување на Focus – хечбекот на Ford останува убедливо најзабавен за возење во класата со брз и респонзивно управување, шасија која е подготвена да одговори на предизвиците и возбуда која другите конкуренти едноставно не можат да ја понудат.

Во ентериерот се користени материјали кои се неколку нивоа подобри од досегашните.

ford-focus-carclub-interior1

Освежувањето продолжува и во ентериерот – каде што можеби и највеќе се забележува напредокот. Веќе ја нема централната конзола со мал милион копчиња и прекинувачи – сега има команди кои се значително полесни за користење, има голем мултимедијален уред со SYNC функционалност (кој веќе го познаваме од Mondeo) и материјали кои се неколку нивоа подобри од оние порано – детал особено забележлив кај управувачот кој сега е обложен со навистина меа кожа која е исклучително пријатна на допир. Одличен детал!

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Ford Mustang Mach-E е модерен електричен SUV!

ford-focus-carclub-interior2

Контролите во ентериерот се логично и чисто распоредени, информациите се разбирливо претставени пред возачот а комфорот и прегледноста се одлични – освен кон високиот заден дел, за кој би препорачале паркинг сензори. Во ентериерот има место за возачот и уште четворица патници, иако задната клупа е идеална за двајца – за тројца иако е можно, би било тесно. Простор за нозете нема како кај некои од ривалите, но повторно – има повеќе од доволно за двајца просечни патници. Багажниот простор нуди капацитет од 362 литри – кој дополнително нараснува на 1148 литри кога ќе се спуштат задните седишта. За оние кои сакаат повеќе простор – тука е и караванската изведба!

Моторот подготвено реагира на притискање на педалата за гас и силно повлекува низ целиот опсег на вртежи.

ford-focus-carclub-interior3

1.6-литарскиот TDCI кој се крие под поклопецот на моторот нуди 95 коњски сили при 3600 вртежи во минута и 230 Nm вртежен момент од 1500 вртежи во минута. Според официјалните подтоци троши 5.7 литри гориво на 100 километри во град, но според нашите мерења при нормално возење во градски услови троши околу 7 литри дизел гориво на 100 километри. Моторот подготвено реагира на притискање на педалата за гас и силно повлекува низ целиот опсег на вртежи, менувачот е прецизен и пријатен за користење а сопирачките се со прецизен и линеарен од. Забрзувањето до 100 километри на час трае 12.7 секунди, а максималната брзина е 182 километри на час.

Focus изгледа подобро од порано, сè уште нуди одлична забава зад воланот, а сега и ентериерот може да се носи рамо-до-рамо со најдобрите во класата.

ford-focus-carclub-frontside-green

Бидејќи се работи за модел со Titanium ниво на опременост, вреди да се истакне опременоста. Меѓу другото, нашиот автомобил имаше 16-инчни алуминиумски фелни, централен наслон, темпомат со можност за ограничување на брзината, електрично-преклопливи ретровизори, SYNC мултимедијален уред со Bluetooth, USB и уште многу други опции, помош за тргнување на нагорнини, стартување без клуч, систем за следење на притисокот во гумите и уште многу други ситници. Ниту безбедноста не е за потценување – Focus освои 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата за безбедноста, а тоа со сигурност се должи на одличната конструкција, но и на мноштвото воздушни перничиња и безбедносни системи кои се дел од сериската опрема на Ford Focus.

Поврзано:   Ford подготви електричен Mustang Lithium со 900 коњски сили за SEMA

ford-focus-euroncap

На самиот крај, како сам да се наметнува заклучокот дека еден од нашите омилени автомобили во класата стана уште подобар. Освежениот и затегнат дизајн, подобрените изолација и суспензија, како и модернизираниот и поедноставен ентериер се полн погодок – Focus изгледа подобро од порано, сè уште нуди одлична забава зад воланот, а сега и ентериерот може да се носи рамо-до-рамо со најдобрите во класата. Одличен чекор нанапред!

  • 1.6-литарски турбо-дизелски мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 95 коњски сили / 3600 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 230 Nm / 1500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 182 км/час
  • Забрзување 0-100: 12.6 секунди
  • Должина: 4360 mm
  • Ширина: 18263 mm (без страничните ретровизори)
  • Висина: 1469 mm
  • Тежина: 1345 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2648 mm
  • Багажен простор: 362 – 1148 литри
  • Потрошувачка: 7 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Ford Focus 1.6 TDCI Titanium – 19.900 Евра
  • Акциска цена: 16.090 Евра
    Повеќе информации: Ford.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.