full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford Mondeo 2.0 TDCI Titanium – Ново поглавје во глобалната приказна на Синиот Овал!

Конечно – новото Ford Mondeo! Автомобилот кој изнуди позитивни реакции низ целиот свет конечно пристигна и во Европа, а ние поминавме неколку дена со новиот Автомобил на Годината во Македонија!

Немојте ни за момент да помислите поинаку – Mondeo е значаен автомобил за Ford! Новата, One Ford стратегија на синиот овал се базира на глобално пристуство на најважните модели на брендот – меѓу кои се Fiesta, Focus и Mondeo – па инженерите и дизајнерите сериозно си ја сфатија работата и вложија врвни напори на глобалниот пазар да понудат автомобили кои не само што ќе нудат нова технологија и забава зад воланот, туку и автомобили кои со дизајнот ќе изнудат реакции од јавноста.

На почетокот – малку историја. Новата, четврта генерација на Mondeo веќе две години се продава под името Fusion во Соединетите Американски Држави, а во истото време требаше да пристигне и кај нас. Сепак, погодени од глобалната финансиска криза, челниците на Ford решија да го одложат пристигнувањето на Mondeo во Европа и времето да го искористат за рационализација на капацитетите – односно производството на Mondeo да го преселат во фабриката на Ford во Валенсија. Простор за грешки нема – Ford продава стотици илјади примероци на Mondeo на годишно ниво, па автомобилот мора да е вистински конкурентен во класата – а конкуренцијата доаѓа како од Европа, така и од далечниот исток. Дали желбите на Ford се постигнати?

ford-mondeo-front

Првата работа која се забележува е воочливиот и доминантен дизајн. Mondeo секогаш бил привлечен автомобил, но ова што денес е пред нас е своевидна револуција за Ford. Доминантната и самоуверена предница веднаш дава на знаење дека се работи за сериозен автомобил со сериозни амбиции. Широките предни светлосни групи и големиот отвор за воздух малку потсетуваат на еден добро познат британски бренд (кхм, кхм, Aston Martin, гледаме кон вас) и дизајнот е вистинско освежување во класата каде генерално доминира конзервативноста и резервираниот дизајнерски јазик.

mondeo-indicator

Всушност, предниот дел на Mondeo изгледа особено модерно и привлечно, а нам највеќе вниманието ни го задржаа интересните предни LED светлосни групи со секвенционални трепкачи – одличен детал!

Поврзано:   Ford го претстави Focus ST и како супер-практичен и супер-брз караван

ford-mondeo-rear

При гледање од страна, јасно е дефинирана карактерната линија и веднаш станува јасен еволутивниот пристап на дизајнот на Mondeo, а тоа особено се забележува во задниот дел. Сепак, не наидовме на личност која негативно искоментира за дизајнот – консензусот беше дека Mondeo изгледа атлетски но зрело и е наменет за оние кои сакаат привлечен дизајн кој истовремено изгледа самоуверено, но и динамично.

ford-mondeo-inteiror1

Местото каде е постигнато најголем напредок е во ентериерот. Да се разбереме – ентериерот на Mondeo никогаш не бил непријатно место за поминување километри – но секогаш сме имале забелешки на бројката на копчиња и конфузноста на некои од инструментите. За среќа, тоа е сега решено! Ентериерот од првиот момент е привлечен и нивото на квалитет на искористените материјали е забележително подобрен. Ергономијата е значително подобрена и многу од системите се контролираат или преку лесно достапни прекинувачи, или преку големиот мултимедијален уред – кој за волја на вистината бара малку навикнување, но после неколку часа поминати во автомобилот се навикнавме на него.

Лесно се пронаоѓа добра возачка позиција, а седиштата се големи и комфорни – подготвени и за подалечкни патувања. Со оглед на големината на автомобилот (за минатата генерација кажавме дека краевите се во две различни временски зони, а истото важи и сега) прегледноста е добра, но за полесно маневрирање препорачуваме да го нарачате вашето Mondeo со сензори за паркирање – ова е голем автомобил!

ford-mondeo-inteiror3

Интересен е новиот SYNC систем развиен од страна на Microsoft кој се вградува во Mondeo – лесно поврзавме неколку различни мобилни телефони, а импресивна е способноста за препознавање на гласовни команди, па контролирањето на разните системи и клима уредот станува интуитивно и лесно. Инструментите пред возачот се делумно дигитални, па може да се прикажуваат многу различни податоци околу возењето.

Сè на сè, дизајнот на ентериерот е освежувачки чист, прегледен и модерен. На задната клупа има доволно место за тројца патници, иако повисоките луѓе можеби ќе се пожалат на мал недостаток на место за главата. Овој проблем се заобиколува доколку ја изберете хечбек изведбата на Mondeo. Интересен новитет кој може да се нарача се задните појаси кои во случај на незгода се надувуваат, па делуваат како своевидни воздушни перничиња за патниците на задната клупа.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Новиот Ford Focus ST напаѓа со 2.3-литарски EcoBoost со 280 коњски сили!

ford-mondeo-interior2

Во седанската изведба, каква што имавме ние на тестирање, на располагање ќе имате 525 литри багажен простор. Ние би препорачале да ја одберете верзијата со пет врати – која покрај зголемената практичност благодарение на големата петта врата, нуди и малку повеќе багажен простор – вкупно 550 литри.

Како што и очекувавме – шасијата со преден погон на Mondeo повторно е меѓу најдобрите во класата кога зборуваме за управливост и забава зад воланот. Според спецификациите, вака опремено Mondeo тежи околу 1600 килограми, но во реалноста се чувствува како значително полесен автомобил. Веќе ги нема сите оние повратни информации од подлогата кои ги нудеше минатата генерација, но управувањето останува директно и прецизно, а автомобилот лесно и со ентузијазам ја менува насоката на движење. Тука сигурно помага и Integral Link задната суспензија како и вниманието кое европските инженери му посветија на управувањето на европското Mondeо – всушност, апетитот за свиоци е неочекуван кај автомобил со овие димензии! Истовремено, суспензијата е прилично добро поставена, па иако тестниот автомобил дојде на големи, 18-инчни фелни (ние би одбрале можеби и број поголеми, толку е големо новото Mondeo!), во ниту еден момент не почувствувавме недостаток на комфор.

ford-mondeo-frontside

Автомобилот лесно ги впива нерамнините од подлогата, а се забележува дека е поработено и на звучната изолација. Во ентериерот се слуша работењето на моторот, но не повеќе од очекуваното, а доколку одберете еден од одличните EcoBoost бензинци (ние имавме можност да возиме Mondeo EcoBoost на прес-презентацијата на Mondeo во Грција) тогаш ќе добиете навистина тивок автомобил. Ни се допадна и работењето на мануелниот менувач – менувањето на брзините е прецизно а одот на менувачот е краток и директен.

Нашиот тестен автомобил дојде опремен со 2-литарски TDCI турбодизел кој испорачува 180 коњски сили и одлични 400 Nm вртежен момент. Според официјалните податоци, опремен со овој мотор, Mondeo забрзува „до стотка“ за 8.3 секунди и постигнува максимална брзина од 223 километри на час – бројки кои се повеќе од адекватни со оглед на класата, големината на возилото и моторот кој се крие под поклопецот. Во соработка со старт-стоп системот, ние измеривме потрошувачка која изнесуваше околу 7.7 литри дизел гориво на 100 изминати километри во градски услови.

Поврзано:   Ford го претстави Mustang EcoBoost High Performance

ford-mondeo-rear2

Конечно, мораме да посветиме внимание на опременоста и на безбедноста. Нашиот тестен автомобил дојде во Titanium ниво на опрема и со неколку додатоци – а тоа значеше големи фелни, предни и задни светла со LED технологија, сензори за паркирање, SYNC мултимедијалниот уред, цела лепеза на воздушни перници и безбедносни системи со многу акроними, помош при стартување на нагорнини, активна аеродинамика на предниот дел, автоматски светла, централна брава, амбиентално осветлување, темпомат, загревање на ветробранското стакло, автоматски светла, и уште многу, многу други ситници. На EuroNCAP тестирањата за безбедност, Mondeo ги освои максималните 5 ѕвездички!

ford-mondeo-euroncap

На самиот крај, се наметнува заклучокот дека новото Mondeo е значителен чекор напред во однос на својот претходник. Автомобилот е созреан и модерен, но притоа ги задржува своите карактерни особини во однос на агилноста и динамичноста. Конкуренцијата во оваа класа е сериозна, но Ford настапува со одличен и проверен автомобил кој има и може многу да понуди – многуте различни мотори, неколкуте каросериски изведби и различната опрема која може да се нарача гарантираат дека секој ќе може да си го најде „своето“ Mondeo!

  • 2-литарски турбо-дизелски мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 180 коњски сили / 350 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 400 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 223 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.3 секунди
  • Должина: 4871 mm
  • Ширина: 2121 mm (со ретровизори)
  • Висина: 1482 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2850 mm
  • Багажен простор: 525 литри
  • Потрошувачка: 5.1 (официјална, градска), 7.7 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Ford Mondeo 2.0 TDCI Titanium – 35.900 Евра
  • Повеќе информации: Ford.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.