ВОЗЕВМЕ: Прв контакт со новото Ford Mondeo! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Прв контакт со новото Ford Mondeo!

На покана на Ford ја имавме можност да оствариме прв контакт со новиот седан и малку подобро да се запознаеме со новиот натпреварувач на Ford во класата каде конкуренцијата е навистина силна!

Новото Mondeo требаше да пристигне во Европските салони на Ford уште пред две години, но неговото доаѓање беше малку одложено додека Ford ги имплементираше одлуките од One Ford стратегијата. Две години подоцна, ова е нашиот прв контакт со големиот седан на Ford кој овој пат ќе се обиде да привлече колку што е можно повеќе купувачи благодарение на новите технологии и привлечниот дизајн.

ford-mondeo-airport-moi

Првото запознавање со новото Ford Mondeo го остваривме на Атинскиот аеродром. Изморени од патувањето, сакавме да најдеме комфорно место за одмор, но и да продолжиме кон следната дестинација. Уште на првиот контакт, новото Mondeo изгледа модерно и свежо – луѓето од Ford се особено горди на дизајнот – и има зошто! Предниот дел е значително поизвлечен и подинамичен, и веднаш стануваат јасни спортските сугестии кои Ford ги наметнува со Mondeo. Големиот отвор за воздух, развлечените предни светлосни групи и остриот поглед веднаш даваат на знаење дека Ford нема да се откаже од титулата за најуправлив модел во класата!

ford-mondeo-airport

Страничните линии се чисти и јасни, и нема непотребни детали и орнаменти. Гледан одзади, јасно се препознава семејната врска со минатиот модел, но сепак линиите се затегнати и целиот автомобил изгледа модерно, современо и со доза на атлетицизам која на конкурентите едноставно им недостига. Одлично изведен дизајн, честитки до дизајнерите на Ford! Новото Mondeo се нуди како седан со четири врати, караван, и хечбек со пет врати, и токму последната верзија со пет врати е најуспешно изведена, иако нам ни се допадна и привлечниот и спортски караван.

ford-mondeo-estate-rear

Во ред, се сместивме во „нашиот“ автомобил – голем караван придвижуван од 1.5-литарски EcoBoost турбо-бензинец со 160 коњски сили и прилично високо ниво на опрема, и се пуштивме кон нашата прва дестинација. Она што веднаш станува очигледно е разликата во квалитетот на материјалите и завршната обработка во однос на претходникот, но и звучната изолација која сега е значително подобрена. Дури и на повисоки, автопатски брзини во внатрешноста е исклучително тивко и мирно за возење. Бензинецот работи тивко и нуди сосема доволно моќност во скоро сите режими на работа, а особено добро се покажа на автопат. Додека возевме на автопат успеавме да си „поиграме“ и со системот за следење на лентата на движење, кој го „подбутнува“ управувачот во едната или другата насока доколку примети дека возачот е уморен и почнува без најава да излегува од тековната коловозна лента. Технички, ова е автомобил кој може самиот да се управува!

Поврзано:   Ford Kuga добива освежен изглед и обновен хибриден погон

ford-mondeo-nose

Mondeo караван со 1.5-литарски EcoBoost со 160 коњски сили и 240 Nm вртежен момент постигнува 100 километри на час за 9.3 секунди и максимална брзина од околу 220 километри на час – сосем респектабилни перформанси, кои во возење делуваат уште поубедливи. Управувањето е директно и прецизно – она што Ford го прави најдобро – и иако не е толку директно кај кај претходните генерации, Mondeo сепак го задржува приматот за најуправлив автомобил во класата.

ford-mondeo-interior

Во внатрешноста има навистина многу простор – како на предните седишта, така и на задната клупа. Нашата тестна верзија дојде богато опремена, а патниците ќе имаат на располагање (во караванската верзија) цели 755 литри багажен простор – а со спуштени задни седишта дури 1630 литри!

mondeo-sedan-hatch-rear

Повеќе од очигледно е дека Ford настапува подготвено и храбро со новото Mondeo – и уште од првиот ден ќе се соочи со силна конкуренција, но има што да понуди. Неколкуте каросерски изведби, одличните мотори, но и забавното управување се силни адути кои Ford со сигурност ќе ги искористи.

mondeo-front

Новото Mondeo деновиве ќе биде претставено и кај нас, а ние ќе имаме можност уште подобро да се запознаеме со него и неговите карактеристики и квалитетни – но уште на првиот контакт – повеќе од јасно е дека новото Mondeo има шампионски претензии!

  • 1.5-литарски турбо-бензински мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 160 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 240 Nm / 1500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 220 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.3 секунди
  • Должина: 4867 mm
  • Ширина: 2121 mm (со ретровизори)
  • Висина: 1501 mm (со кровни носачи)
Поврзано:   Ford Kuga добива освежен изглед и обновен хибриден погон


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.