Возевме: Ford Focus ST – Цивилизиран Хулиган – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Возевме: Ford Focus ST – Цивилизиран Хулиган

Имавме несекојдневна можност да поминеме малку време и неколку стотици километри за воланот на Ford Focus ST, и тоа во Келн, каде е европското седиште на Ford!

Таканаречените хот хечови навистина се автомобили со повеќе лица. Треба да бидат практичен и комфорен семеен автомобил, треба да бидат економични и лесни за возење, а истовремено да нудат перформанси од кои ќе ни се испотат дланките и управливост која ќе ни наметне толкава насмевка на лицето, што ќе може некој да ни ги изброи забите… Далеку од лесна задача, а и конкуренцијата е навистина моќна – па каде всушност во оваа приказна се наоѓа Ford Focus ST?

Сјајната жолта боја го издвојува од околината, Focus ST e едноставно полн погодок!

ford-focus-st-cars

По слетувањето на аеродромот во Келн и очекуваниот германски појадок во кој (секако) беа вклучени и локалните колбаси, време беше да се запознаеме со автомобилите. Краток транспорт до кругот на фабриката на Ford во Келн, и пред мене се најдоа два автомобили кои со нетрпение ги очекував – едниот сјајно жолт, другиот сив. Уште при првиот контакт, Focus ST изгледа агресивно и со атлетски став кој го немаат многу од конкурентите. Сјајната жолта (или портокалова, како сакате) боја го издвојува од околината и морам да признаам дека со неодамнешниот фејслифт, дизајнот на Focus го доби освежувањето и затегнувањето кое му беше потребно. Додадете ги на тоа големите 19-инчни тркала и спортскиот бодикит, и Focus ST е едноставно полн погодок.

ford-focus-st-cars2

Алчно ги украдов клучевите од жолтиот автомобил, кој под поклопецот крие 2-литарски EcoBoost турбо-бензинец и се спуштив во возачкото седиште. Можеби нема да биде по сечиј вкус двобојната комбинација на седиштата, но тие нудат одлична поддршка. Лесно најдов позиција која ми одговара и воланот го наместив на вистинското место, и спремен сум да тргнам! Побаравме од домаќините да нè насочат кон локација со интересни патишта и локации за фотографирање – и веќе се движам. Суспензијата е цврста, спортска и со нагласени динамични аспирации – едвај чекам да се најдам на кривулест пат!

ford-focus-st-interior

Седиштата се големи и комфорни, а на задниот дел гордо стои извезено ST логото – нема никакви шанси да помислите дека сте во некоја друга, пообична изведба на Focus. Атмосферата одлично ја дополнува и спортскиот управувач со рамно дно, како и алуминиумската рачка од менувачот – амбиентот е несомнено спортски и секој детал е внимателно избран – очигледно дизајнерите и инженерите на Ford посветиле многу внимание на осмислувањето на ентериерот.

Поврзано:   Ford ја претстави третата генерација Transit Connect

ford-focus-st-cars3

Чувството кога можете да возите брзо, без да ви биде страв од евентуалните казни е.. Ослободувачко!

Излеговме на добро-познатиот германски аутобан. Германија е своевидна Мека за вљубениците во брзо возење – едноставно не може да се опише каква е сензацијата кога возите на широк и мазен автопат на кој нема ограничување. Всушност, чувстовото дека можам да возам брзо без страв од евентуалните казни е.. Ослободувачко! Наместо да гледам во индикаторот за брзина, можам да се сконцентрирам на возењето и да уживам!

ford-focus-st-yellow

А Focus ST ја бара секоја трошка од моето внимание. Да не ме сфатите погрешно – ова не е страшен автомобил. Всушност, при нормално возење е цивилизиран и достоинствен, но во оној момент кога педалата за гас ќе добие малку повеќе притисок автомобилот се трансформира! Ретки се турбо-полнетите мотори кои имаат толку подготвена и инстантна реакција на притисокот на педалата за гас. Реакцијата е моќна а 250-те коњи разјарено го потенцираат своето присуство! Забрзувањето до 100 километри на час трае 6.5 секунди, но уште поимпресивно е меѓузабрзувањето!

ford-focus-st-cars4

Линеарното движење на стрелката за брзина изгледа тотално лесно, и веќе се движам со брзина за која само можам да сонувам на македонските патишта – односно околу два пати повеќе од максимално дозволената во Македонија! На тие брзини Focus ST настапува самоуверено и без трошка сомнеж чувствувам дека автомобилот може да понуди и многу повеќе – но веќе надоаѓаме на други учесници во сообраќајот и морам да „поднамалам“ на само 180 километри на час. Штета.

ford-focus-st-grey

Сега пред мене се кривулести патишта кои како да ме молат да ги побарам лимитите на Focus ST. Да бидам искрен – очекував дека автомобилот одлично ќе се снајде по ваквите патишта, но тоа што го открив ме изненади – едноставно, Focus ST е можеби најдобриот жежок хечбек во класата, барем кога станува збор за управливоста. Големите пневматици грабаат по (германскиот uber-мазен) асфалт и не дозволуваат никакво пролизгување, а одлично-поставената шасија елиминира скоро секакви траги на подуправување – едноставно треба „машки“ да го држам управувачот и да го вперам во насоката во која сакам да се движам, а автомобилот верно ги следи моите инструкции. Лесно е да се ужива во вакво возење, без разлика на темпото – а идиличните германски населби и селца низ кои поминуваме се одлична позадина за вкупниот впечаток.

Со доза на храброст лесно е да се испровоцира задниот дел да заигра во свиоци и контролирано да пролизга. Скоро е тешко за верување дека еден автомобил со погон на предните тркала може да биде толку агилен! Свиок по свиок, Focus ST ги покорува предизвиците и гладува за повеќе – ова е забавно, и не сакам никогаш да престане!

Ако бензинецот е цивилизиран хулиган, тогаш дизелската изведба е одличен крстосувач кој може да понуди забава зад воланот кога тоа ќе го побарате од него.

ford-focus-st-cars5

Време е да ги замениме автомобилите. Седнувам зад воланот на сивиот Focus ST караван, кој крие 2-литарски турбодизел кој нуди 186 коњски сили и одлични 400 Nm вртежен момент – всушност, турбодизелот има повеќе вртежен момент од значително помоќниот бензинец. Интересно, исто како и бензинецот, и дизелот подготвено реагира на педалата за гас и ги има истите возни својства. Прилепен за асфалтот, и дизелската изведба гладно ги „јаде“ свиоците и предизвиците, но воочлива е разликата во перформансите – на дизелот му се потребни 8.1 секунда до 100 километри на час, па на отворен пат бензинецот лесно гради предност. Од друга страна, на отворен пат турбодизелот е значително поопуштен за возење – поголемиот вртежен момент си го прави своето.

Поврзано:   Популарната Ford Puma доби фејслифт

ford-focus-st-grey2

Звукот кој доаѓа е синтетички, но му одговара на карактерот на автомобилот па нема да замерам многу, а во ниту еден момент нема да замерам на потрошувачката – онаму каде што бензинецот просечно трошеше околу 14 литри на 100 километри, дизелот бараше значително помалку – односно околу 7.6 литри на 100 километри! Всушност – тука и најдобро се прави паралела меѓу двата автомобили – и обата се навистина компетентни кога станува збор за управливоста, но ако бензинецот е цивилизиран хулиган, тогаш дизелската изведба е крстосувачот наменет за лесно поминување на многу километри, кој истовремено може да понуди одлична забава зад воланот кога тоа ќе го побарате од него.

Focus ST нуди навистина многу – практичната каросерија е одлично дополнета од караванската изведба. Лесно е да се пронајдам себеси зад воланот на Focus ST!

Како што веќе напоменав, ова е освежената верзија на Focus, па веднаш се забележуваат новите предни и задни светла кои сега изгледаат значително подобро, но најголемите подобрувања се во ентериерот. Големите Recaro седишта се резервирани за ST изведбата, но во ентериерот веднаш се забележуваат подобрените материјали и централниот мултимедијален уред кој сега е значително полесен за користење.

ford-focus-st-interior-details

Старт-стоп системот си работи беспрекорно со цел да ја намали потрошувачката, а многуте системи за активна безбедност се тука да ги спречат несаканите ситни (или поголеми) незгоди. Focus ST нуди навистина многу – практичната каросерија со пет врати е одлично дополнета од караванската изведба наменета за оние на кои им е потребно повеќе простор, а забавата зад воланот и одличните мотори се всушност она за кое се купува еден ваков автомобил.

Поврзано:   Ford Kuga добива освежен изглед и обновен хибриден погон

ford-focus-st-yellow-side

Лесно е да се пронајдам себеси зад воланот на Focus ST, без разлика за која изведба станува збор. Focus ST е сè уште на врвот во класата кога зборуваме за управливоста и забавата зад воланот, па вистинските возачи со сигурност ќе уживаат во него. Јас уживав!

Карактеристики – Ford Focus ST 250

  • 2-литарски турбо-бензински мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 250 коњски сили / 5500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 360 Nm / 2000-4500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 248 км/час
  • Забрзување 0-100: 6.5 секунди
  • Должина: 4360 mm
  • Ширина: 2045 mm (со ретровизори)
  • Висина: 1466 mm
  • Измерена потрошувачка: 13.5 литри бензин на 100 километри (просечна)

Карактеристики – FordFocus ST TDCI Turnier

  • 2-литарски турбо-дизелски мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 185 коњски сили / 3500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 400 Nm / 2000-2750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 217 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.3 секунди
  • Должина: 4560 mm
  • Ширина: 2045 mm (со ретровизори)
  • Висина: 1490 mm
  • Измерена потрошувачка: 7.6 литри дизел на 100 километри (просечна)


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.