full screen background image
Search

Lexus ќе нуди 2-литарски турбо-бензинец со 245 коњски сили во IS200t!

Луксузниот огранок на Toyota конечно го понуди одличниот 2-литарски турбо-бензинец со 245 коњски сили од кросоверот NX во компактниот и спортски седан IS!

По NX200t и RX200t, конечно и „основниот“ седан на Lexus ќе го добие одличниот 2-литарски турбо-бензинец! Моторот кој нуди 245 коњски сили и 350 Nm вртежен момент ќе се вградува во моделот со ознака IS200t, и ќе му овозможи на автомобилот да забрза до 100 километри на час за 7 секунди и да постигне максимална брзина од 230 километри на час. Колку за споредба, на хибридниот IS300h (кој има системска моќност од 220 коњски сили и вкупен вртежен момент од 300 Nm) потребни му се 8.4 секунди до 100 километри на час, а максималната брзина му е 202 километри на час.

Lexus ветува просечна комбинирана потрошувачка од 7 литри на 100 километри, но сепак тоа е според NEDC, па таа бројка во реално возеќе ќе биде нешто повисока. Моторот се комбинира со 8-степен Sport Direct Shift менувач кој е развиен за RC F, и нуди спортско менување на брзините во согласност со Г-силите кои делуваат на автомобилот. Во превод, тоа значи дека менувачот ќе „спушти“ неколку брзини при нагло кочење и држи пониска брзина при возење во свиоци за да понуди најдобра можна контрола.

Нам ни останува да се надеваме дека ќе имаме можност да седнеме зад воланот на IS200t!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.