Дискретно освежување и нов 1-литарски турбо мотор за Kia Cee’d! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Дискретно освежување и нов 1-литарски турбо мотор за Kia Cee’d!

Корејскиот хечбек доби дискретен фејслифт, но многу поважен е новиот 1-литарски турбо-бензинец со три цилиндри кој нуди 100 или 120 коњски сили!

Сите изведи на Cee’d – нормалниот Cee’d, спортскиот Pro_Cee’d со три врати, како и караванскиот Cee’d SW – добиваат освежување. Визуелните измени се сведуваат на нови браници напред и позади со хромирани детали и нова маска на ладилникот. Сите модели сега добиваат и нови 16 и 17-инчни тркала.

Најважен новитет е новиот 1-литарски три-цилиндерски турбо бензинец кој во зависност од изведбата испорачува 100 или 120 коњски сили. Обете верзии имаат на располагање 172 Nm вртежен момент, достапен од 1500 до 4000 вртежи во минута. Освежен е и 1.6-литарскиот CRDi кој сега има на располагање 110 или 136 коњски сили, а во понудата остануваат и атмосферските бензинци со зафатнина од 1.4, односно 1.6 литри и моќност од 100, односно 128 коњски сили, како и 1.4-литарскиот CRDi.

Дополнителен новитет е и 7-степениот DCT менувач со двојна спојка кој ќе се нуди во Cee’d, но сега за сега само кај моделите со 136-коњскиот турбодизел. Со овој менувач, емисијата на штетни гасови е намалена на само 109 грама CO2 на изминат километар од поранешните 145. Сите модели на Cee’d ќе добијат и ревидирана суспензија и нов Torque Vectoring систем, а спортската Pro_Cee’d GT добива нов турбополнач и сега забрзува до 100 километри на час за 7.6 секунди – 0.1 секунда побрзо од порано.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.