ТЕСТ: Mercedes-Benz CLA 200 CDI Shooting Brake – Несекојдневност со луксузен лик! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mercedes-Benz CLA 200 CDI Shooting Brake – Несекојдневност со луксузен лик!

Новиот CLA Shooting Brake на Mercedes-Benz е модел кој изнуди различни реакции од јавноста, па ние решивме да поминеме неколку дена со новиот караван на брендот за подобро да го запознаеме!

CLA Shooting Brake ја комплетира А-гамата на брендот, која ги вклучува A-Class, CLA и компактниот кросовер GLA

Да започнеме токму онаму каде што треба – да, ова е всушност караванска изведба на Mercedes-Benz CLA. Компактниот седан кој го возевме пред две години ни остави генерално позитивни импресии благодарение на привлечниот дизајн и надпросечната динамичност. Денес ќе зборуваме за моделот кој ја комплетира A-гамата на брендот, во кој спаѓаат хечбекот A-Class, компактниот седан CLA, како и малиот кросовер GLA – автомобили кои ние веќе сме ги возеле и добро ги познаваме.

mercedes-benz-cla-sb-front

По успехот и позитивните реакции на големиот CLS Shooting Brake, повеќе од очигледно е дека токму овој автомобил е вистинската инспирација зад CLA Shooting Brake. Малиот караван го има истиот доминантен профил како и големиот автомобил, но сепак во покомпактна варијанта. Предниот дел е помалку или повеќе идентичен со CLA, но благодарение на караванската линија има малку повеќе простор за главите на задната клупа и малку повеќе багажен простор.

Изгледот на задниот дел нема да биде по сечиј вкус, но CLA Shooting Brake е забележлива појава на нашите улици.

mercedes-benz-cla-sb-frontback

Изгледот на задниот дел нема да биде по сечиј вкус, но без разлика на тоа мораме да признаеме дека CLA Shooting Brake е забележлива појава на нашите улици. Ова дефинитивно не е автомобил за оние кои сакаат да бидат подискретни. Кога ние би бирале CLA Shooting Brake, без сомнение би го додале AMG пакетот кој вклучува поагресивни браници и поголеми тркала – кои на автомобилот му даваат доза на визуелна динамичност која помалку недостасува од „обичната“ изведба.

mercedes-benz-cla-sb-interior1

Кога станува збор за ентериерот – ако сте седнале во CLA, сте седнале и во CLA Shooting Brake. Тоа значи дека ќе ве пречека пријатно место за седење, седишта кои се комфорни и ниско до подлогата, прекрасен управувач и површини обвиени генерално со квалитетни материјали. Тука е и централниот дисплеј кој изгледа како да е додаден, но откако го видовме во A-Class, CLA, GLA и во поголемата C-Class веќе се навикнавме на него.

mercedes-benz-cla-sb-interior2

Ни се допадна и сончевиот кров кој овозможува многу светлина да влезе во ентериерот, но може да биде малку проблематичен за време на жешките македонски лета. На задната клупа нема повеќе простор за колената од кај обичниот CLA, но дефинитивно има повеќе простор за главите на патниците.

mercedes-benz-cla-sb-interior-rear

Сепак, како и кај CLA, влегувањето и излегувањето сè уште е малку отежнато поради опаѓачката линија на прозорците. Од друга страна, навистина ни се допаѓаат вратите без рамки за прозорци – детал кој изгледа одлично скоро на било кој автомобил!

Со преклопување на задните седишта добивате на располагање одлични 1355 литри багажен простор!

mercedes-benz-cla-sb-reardoor

Мораме да истакнеме дека CLA Shooting Brake е значително попрактичен од својот малку постар брат – CLA. Иако има само 25 литри повеќе багажен простор (вкупно 470), практичноста која доаѓа со караванската изведба е неизбежна, а со преклопување на задните седишта добивате на располагање одлични 1355 литри. Во ред, не нуди толку простор како некои од индиректните конкуренти, но не е за потценување.

Моторот нуди 136 коњски сили од 3200 до 4000 вртежи во минута и 300 Nm вртежен момент достапни од 1400 до 3000 вртежи во минута.

mercedes-benz-cla-sb-frontside

Овој пат, нашиот тестен модел дојде со ознаката CLA 200 CDI – а тоа значи 2.1-литарски турбодизел под поклопецот. Моторот нуди 136 коњски сили од 3200 до 4000 вртежи во минута и 300 Nm вртежен момент достапни од 1400 до 3000 вртежи во минута. Официјалните бројки зборуваат за забрзување од 9.5 секунди до 100 километри на час, и максимална брзина од 215 километри на час.

Mercedes-Benz ветува градска потрошувачка од 5.5 литри на 100 километри, но ние регистриравме бројки кои беа поблиску до 7 литри на 100 километри. Моторот работи прилично мирно, особено кога ќе започнете со крстарење на отворен пат, каде одличната звучна изолација го прави патувањето мирно и комфорно.

mercedes-benz-cla-sb-rearside

Кога на CLA Shooting Brake ќе му поставите предизвици во форма на свиоци, ќе останете позитивно импресионирани од компетентната шасија и подготвеноста за менување насока, иако од управувачот не се пренесуваат премногу информации од подлогата. Ние би го препорачале автоматскиот наместо мануелниот менувач (со кој беше опремен нашиот тестен модел) бидејќи иако е пријатен за користење, мануелниот менувач е малку непрецизен и не му одговара на карактерот на автомобилот.

Бидејќи се работи за Mercedes, чувството во ентериерот и финалната обработка се на највисоко ниво.

mercedes-benz-cla-sb-interior-details

Секако, бидејќи се работи за Mercedes, чувството во ентериерот и финалната обработка се на највисоко ниво, а нашиот модел дојде и прилично богато опремен – вреди да се спомнат комфорните седишта, клима уредот, ксенонските светла, сончевиот кров, темпоматот, големиот 8-инчен дисплеј од мултимедиалниот уред со навигација, пакет за осветлување и видливост, амбиенталното осветлување, системот за превенција на незгоди, и уште многу друго.

Како и опременоста, така и безбедноста е на завидно ниво – Mercedes-Benz CLA освои максимални 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата за безбедност. Тука секако улога играат мноштвото воздушни перници, како и системите за активна и пасивна безбедност кои се дел од стандардната опрема.

mercedes-benz-cla-sb-euroncap

Ова не е автомобил за интровертните – туку за оние похрабрите!

На самиот крај повторно се наметнува заклучокот кој го имавме уште кога прв пат седнавме зад воланот на CLA пред две години – ова не е автомобил за секого, но оние кои ќе го изберат ќе добијат несекојдневна изведба на несекојдневен автомобил. Како што рековме – ова не е автомобил за интровертните – туку за оние похрабрите. Оние кои имаат малку различен животен стил и се занимаваат со несекојдневни активности, па соодветно на тоа сакаат и автомобил кој ќе се вклопи во нивниот начин на живот – токму за тие луѓе е наменет CLA Shooting Brake.

  • 2.1-литарски турбо-дизелски мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 136 коњски сили / 3200 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 300 Nm / 1400 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 215 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.5 секунди
  • Должина: 4691 mm
  • Ширина: 1777 mm (без страничните ретровизори)
  • Висина: 1435 mm
  • Тежина: 1530 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2699 mm
  • Багажен простор: 470 – 1355 литри
  • Потрошувачка: 7.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Mercedes-Benz CLA 200 CDI Shooting Brake – 45.121 Евра
    Повеќе информации: Mercedes-Benz.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.