full screen background image
Search

ТЕСТ: Mercedes-Benz A180 CDI AMG Sport – Револуција наместо еволуција!

Многу често кога зборуваме за нова генерација на некој автомобил, ќе го употребиме зборот „еволуција“ за да го опишеме напредокот на тој автомобил. Но новата, трета генерација на најмалиот член на семејството на Mercedes-Benz не само што ни дозволи, туку и ни наметна да го користиме зборот револуција кога зборуваме за него.

Првата и втората генерација на А-Class беа типични компактни автомобили. Иако напред ја носеа трокраката ѕвезда, не нудеа нешто што ги двоеше од конкуренцијата. Во ниеден момент нема да го негираме престижот  што го носи логото на Mercedes, но зад тоа лого се криеја автомобили кои беа во самата средина на класата, со повисока цена од она што би очекувале да го платиме.

Денес пред нас е најновата, трета генерација на A-Class, и едноставно, останавме без зборови. Првиот контакт со A-Class го имавме уште пред неколку месеци, но сега кога конечно ја имавме шансата да седнеме зад воланот, импресиите се комплетни.

Да започнеме од надворешноста – уште на прв поглед, ова е исклучително спортски и агресивен автомобил. Должината на автомобилот, но и ниско поставениот кров и ниските странични прозорци му даваат уникатна и привлечна линија. Без дискусија, ова е можеби најубавиот претставник на компактната класа и голем триумф на Mercedes-Benz. Мораме да напоменеме дека свој удел во дизајнирањето на новата A-Class имаше и Македонскиот дизајнер Славче Таневски кој дизајнираше една варијанта на маската на ладилникот и уште некои детали.

Однапред се издвојуваат големите предни светла и широката маска на ладилникот, но и големите отвори за воздух кои се дел од AMG пакетот на опрема, а од задната страна вниманието го привлекуваат спортскиот браник и двата широки овални завршетоци на издувниот систем. Приметивме и детали кои нѐ потсетија на поголемите браќа на A-Class, но тоа во никој случај не е критика, напротив – одличен пример за тоа како играчките и дизајнерските детали од поголемите автомобили можат да се најдат и кај помалите.

Поврзано:   Утринска Гимнастика: Битка на VW Golf R, BMW M135i, Audi S3 и Mercedes AMG A35

Приказната продолжува и во внатрешноста. Материјалите кои се користени се воглавно одлични, и скоро и да не приметивме материјали кои не се на самиот врв во класата. Управувачот е обложен со кожа која е прекрасна на допир, а црвените опшивки на материјалот кои се дел од AMG пакетот само го нагласуваат спортскиот карактер. Сосема лесно се наоѓа одлична возачка позиција, а седиштата се комфорни и добро профилирани. Доволно место има и на задната клупа, но повисоките патници кои ќе седат позади ќе се пожалат на недостаток на простор за главата заради ниската линија на кровот.

Всушност, последица на спортската и ниска линија е токму прегледноста, која кон задната страна е ограничена. Сепак, цената за таа прекрасна линија мора да се плати, а благодарение на големите странични ретровизори и сензорите за паркирање, лесно се компензира овој недостаток.

Ергономијата е на прилично добро ниво, како што можеме да очекуваме од Германски автомобил. Контролите се прегледни, лесни за разбирање и на дофат на вашите прсти. Сите се јасно означени и веднаш знаете кое копче која функција ја извршува. Имаме ситни забелешки во однос на некои од прекинувачите, како на пример прекинувачот за задниот бришач, кој нема начин да го вклучите без целосно да ја тргнете левата рака од управувачот, но тоа е ситница која немаше да ја приметиме да не врнеше скоро цело време додека го возевме автомобилот.

Токму кога станува збор за возењето, можеме да зборуваме за вистинската револуција на A-Class. Опремен со AMG Sport пакет, нашиот тестен автомобил дојде со спортски поставена суспензија и големи 18-инчни тркала. Всушност, овој пакет му дава голем дел од агресивноста на автомобилот, и ние срдечно го препорачуваме, но бидете подготвени за некои од компромисите кои ќе морате да ги направите!

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Mercedes го претстави новиот електричен кросовер EQB

Автомобилот е низок и суспензијата е тврда. Тоа значи одлично управување – автомобилот со голем ентузијазам ги покорува свиоците, без никакво колебање. Автомобилските ентузијасти кои сакаат спортско возење ќе се пронајдат веднаш зад воланот на A-Class и ќе се чувствуваат како дома. Од друга страна, тврдото подвозје значи дека ќе ги чувствувате сите нерамнини на патот, дури и оние најситните – чувство кое може да биде непријатно. Сепак, доколку сакате спортско возење, нешто што новата A-Class го најавува уште на прв поглед, тогаш сигурни сме дека ќе бидете подготвени на овој компромис.

Под поклопецот на моторот на нашиот тестен модел се најде 1.5 литарскиот мотор кој според официјалните најави Mercedes-Benz го разви заедно со Renault-Nissan алијансата. Mercedes и Renault-Nissan уште одамна ја најавија соработката кога станува збор за овие мотори. Воглавно, моторот кој нуди 109 коњски сили на 4000 вртежи и одлични 260 Nm на 1750 вртежи е рафиниран и економичен, но имајќи го во предвид тестниот модел и неговата опременост сметаме дека овој мотор не му прилега совршено на спортскиот карактер на автомобилот. Според официјалните податоци 100 километри на час пристигнуваат за 11.3 секунди, а ќе продолжите да забрзувате се до 190 километри на час. Овие бројки не се револуционерни, а сигурни сме дека оние кои ќе изберат A-Class со AMG Sport пакет, ќе изберат и помоќен агрегат, без разлика дали ќе се одлучат за бензинска или дизел изведба.

Она со што малиот А180 може да се пофали е со економичноста. Во град измеривме просечна потрошувача нешто пониска од 7 литри на 100 километри, што воопшто не е лошо ако ги земеме во предвид големите тркала. На отворено потрошувачката е помалку од 5 литри на 100 изминати километри, уште еден одличен податок.

Поврзано:   Утринска Гимнастика: Mercedes-Benz S-Class нема потреба од помошник за паркирање

Секако, можеме да позборуваме за опременоста, која кај нашиот тестен модел беше во најмала рака богата. AMG Sport пакетот, ксенонските светла, панорамскиот кров, одличниот клима уред, мноштвото безбедносни системи, темпоматот, системот кој предупредува кога ќе се доближите до автомобил пред вас, и многуте други ситници навистина ја комплетираат сликата за овој луксузен компактен автомобил. Како што велат повозрасните, Мерцедес си е Мерцедес.

На крајот, мислата која ни ја остави новата A-Class е токму онаа која ја спомнавме на самиот почеток – новата A-Class е своевидна револуција не само за Mercedes-Benz, туку и за класата на компактни хечбекови. Дизајнерски, без сомнение е на самиот врв, а компромисите кои се резултат на спортскиот дизајн сме повеќе од подготвени да ги прифатиме. Зад воланот неизбежно е премиум чувството, како и престижот кој го носи марката. Ќе погледнеме подалеку од основниот дизелски агрегат и ќе кажеме дека ова е автомобил кој заслужено ги носи AMG ознаките, барем кога станува збор за изгледот, управливоста и спортскиот карактер. Моторот е штедлив и рафиниран, но повеќе би одговарал на A-Class без AMG Sport пакет. За ваква верзија би резервирале еден од помоќните дизел агрегати, или уште подобро, еден од одличните и моќни турбо-бензински агрегати кои ги нуди Mercedes-Benz!

  • 1.5 литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри, 16 вентили.
  • Моќност: 109 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 260 Nm / 1750 – 2500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 190 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.3 секунди
  • Должина: 4292 mm
  • Ширина: 1780 mm
  • Висина: 1433 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2699 mm
  • Багажен простор: 340 литри (1157 со спуштени задни седишта).
  • Потрошувачка:  6.5 литри на 100 изминати километри (измерена)
  • Цена на тестираниот модел: Mercedes-Benz A180CDI AMG Sport  – 32.000 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.