full screen background image
Search

ТЕСТ: Mercedes Benz CLA 220 CDI – Уникатен премиум спортист!

Да се седне зад воланот на автомобил кој ја носи трикраката ѕвезда секогаш е посебно искуство. Кога се работи за автомобил кој привлекува толку многу внимание како CLA, искуството е уште повпечатливо.

Mercedes-Benz сака да понуди автомобил во секоја можна категорија – а кога таква категорија не постои, очигледно се подготвени да направат нова. Кога пред повеќе од десет години го лансираа моделот CLS, луѓето беа неподготвени за таков модел, но историјата покажа дека таквите, уникатни модели ги привлекуваат купувачите.

Откако неодамна ја лансираше и втората генерација на моделот CLS, Mercedes најави дека има простор за таков уште еден таков модел, но значително помал. Си останаа верни на зборот, и пред мене денес се наоѓа Mercedes CLA. Навидум само „продолжена“ А-Класа, но кога ќе погледнеме под кожата, CLA е многу повеќе од тоа. Наменет за помладите купувачи на Mercedes, CLA е вистинско освежување и во моментов без никаква конкуренција.

mercedes-cla-rear-2

Да започнам од она што највеќе привлекува – дизајнот. Од напред, CLA сериозно потсетува на А-класата, што е и за очекување – сепак CLA е изграден врз основата на А-класа. Бидејќи тестниот модел дојде опремен со одличниот AMG пакет, може да се пофали со поагресивни браници, како и големи 18-инчни тркала. Овој пакет му дава на CLA доза на агресивност која недостасува кај „обичниот“ модел. Ниско притаен до подологата, со големите отвори за воздух и доминантиот знак на Mercedes поставен гордо на средината на централниот отвор за воздух, CLA изгледа како да е подготвен да нападне без претходно најавување. Морам да напоменам дека предната маска со многуте сјајни точки е дело на Македонскиот дизајнер Славче Таневски – еден мал детал на кој бев особено горд додека го возев CLA.

Нискиот заден дел верно ја следи дизајнерската линија, но не ми е толку привлечен како остатокот од автомобилот. Сепак, без сомнение CLA привлекува внимание на улиците како ретко кој друг автомобил. Луѓето на улица го загледуваат, покажуваат со прст кон него и редовно ги вадат мобилните телефони за да уловат некоја фотографија од оваа несекојдневна појава. Полн погодок на Mercedes!

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Mercedes-Maybach GLS 600 е врвот на SUV-опулентноста

mercedes-cla-front-3

Секогаш сум сакал врати без рамки за прозорците – и токму тоа го добив кај CLA. Барем за мене, има нешто посебно во овие врати – нешто спортско, посебно, едноставно – кул. Ја отворам предната врата и се спуштам во ниското, спортско седиште. Седиштата се како извајани, и нудат одлична странична поддршка. Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, управувачот совршено лежи во моите раце а менувачот.. Го нема! Тестниот модел е опремен со 7G DCT автоматски менувач со двојна спојка, а менувачката палка е поставена десно на управувачкиот столб и е лесна за користење. Кога веќе зборуваме за ергономијата, и тука Mercedes ги заслужува сите пофалби. Единствено не ми се допадна централно поставениот дисплеј од мултимедијалниот уред, кој изгледа како да е осетлив на допир, а не е, ниту пак прилега на остатокот од ентериерот. Сите останати команди се лесни и пријатни за користење, и оддаваат чувство како што само еден Mercedes може.

mercedes-cla-interior-front

Од друга страна, пристапот кон задната клупа е ограничен заради нискиот раб на кровот, но тоа е цената која треба да се плати за привлечниот дизајн. Заради истата причина и просторот за глава на задната клупа не е претерано дарежлив, но тоа е компромис кој луѓето очигледно се подготвени да го направат. Доколку планирате патување, погрижете се пониските сопатници да бидат на задната клупа. Кога веќе зборувам за патување, морам да го истакнам дарежливиот багажен простор со зафатнина од 471 литар, кој е цели 130 литри поголем од оној кај А-класата. Пристапот кон багажниот простор би можел да биде подобар, но повторно ќе напоменеме дека ваквите „жртви“ се сосем оправдани со оглед на стилот кој е доминантен кај CLA.

Поврзано:   Mercedes-Benz ја покажува иднината на електричниот луксуз со Vison EQS

mercedes-cla-interior-rear

Доволно за практичноста и ергономијата – да зборувам малку за перформансите! Автомобилот кој го возам е опремен со 2.1-литарски турбо-дизелски мотор кој испорачува одлични 170 коњски сили и моќни 350 Nm вртежен момент. Благодарение на овие бројки, CLA забрзува до 100 километри на час за 8.2 секунди и ќе продолжи да забрзува се до максималните 230 километри на час. Моторот работи одлично, а благодарение на менувачот, возењето може да биде опуштено кога сакате, но и спортски агресивно кога тоа ќе го побарате од него. Од друга страна, при опуштено возење потрошувачката во градски услови изнесуваше меѓу 7  и 8 литри на 100 изминати километри.

Во нормално, градско возење најдобро е да го оставите менувачот со двојна спојка сам да си ја врши работата. Менувањето е скоро неприметно, а комфорот во ниеден момент не е нарушен. Кога сакате малку поагресивно возење, тука се спортскиот режим, како и мануелното менување. Во спортскиот режим на работа, менувачот подолго ги „држи“ брзините и порано оди степен-два подолу, но сепак за вистинското уживање најдобра опција е мануелното менување на брзините преку палките поставени на воланот.

mercedes-cla-front

Кога CLA ќе го предизвикате со посериозни свиоци, автомобилот се однесува неутрално. Во прв момент е наклонет кон подуправување, но доколку на вистински начин го испровоцирате може да понуди и ограничено пролизгување на задниот дел. Секако, тука се електронските системи за безбедност кои ќе напраат се што можат за да ја осигураат вашата безбедност. Благодарение на AMG суспензијата, стабилноста е сеприсутна и во ниеден момент нема непотребно навалување во свиоците.

Но и покрај спортски-ориентираната суспензија, CLA не е некомфорен ниту по градските, нерамни улици – постигнат е одличен компромис меѓу спортската цврстина и секојдневниот комфор. Внатре не е баш како во S-Class, но рафинираноста и удобноста се на навистина високо ниво. Звучната изолација е одлична, а во внатрешноста е тивко и опуштено дури и при сериозни надминувања на брзинските ограничувања на автопат – со други зборови, CLA е автомобил со кој без никаква резерва би се пуштил и на подолг пат.

Поврзано:   ПРЕМИРА: Mercedes-Benz ја претстави новата, втора генерација на компактниот GLA.

mercedes-cla-rear

Секако, на тој подолг пат многу би ми значела и опременоста на автомобилот – одличниот двозонски клима уред, камерата за паркирање, сончевиот кров, мноштвото безбедносни системи и воздушни перници, како и можноста за Bluetooth поврзување со мобилен телефон и многуте други ситници го олеснуваат секојдневното живеење со CLA.

mercedes-cla-details

Би можел уште многу да зборувам за CLA. Би можел уште многу да зборувам за храброста на Mercedes-Benz да донесе еден ваков модел на пазарот. Би можел да зборувам за неговата привлечност, за неговиот дизајн и ексклузивност – но сето тоа веќе би било непотребно. Германците одлично си ја завршија работата и на пазарот понудија автомобил кој покрај некои компромиси кои мораат да бидат направени, нуди момент кој станува вистинска реткост – секој пат кога ќе го паркирате CLA и ќе излезете од него, тој ќе ве принуди да се завртите уште еднаш кон него и да го погледнете со восхит. Токму тоа се случуваше и со мене!

  • 2.1 литарски турбо-дизелски мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 170 коњски сили / 3400 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 350 Nm / 1400 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 230 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.2 секунди
  • Должина: 4630 mm
  • Ширина: 1777 mm (со ретровизори: 2032 mm)
  • Висина: 1432 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2699 mm
  • Багажен простор: 471 литар
  • Потрошувачка: 5.6 (официјална, градска), 7.4(измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Mercedes-Benz CLA 220 CDI 7G DCT – 38.900 Евра
    Дополнителна опрема: AMG Sport пакет, сончев кров, ксенонски светла, камера за паркирање.
    Цена на тестираниот модел: ~46.000 евра.

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.