full screen background image
Search

Освежување за BMW 3-Series, претставен хибриден модел и 3-цилиндерски бензинец!

Баварскиот производител ја претстави освежената верзија на својот најважен модел, а со освежувањето доаѓаат и многу важни новитети – најважни меѓу кои се хибридниот модел и бензинецот со три цилиндри!

Серијата 3 на BMW е најважен модел на баварскиот производител – и токму затоа BMW му посветува многу внимание токму на овој автомобил. Со фејслифтот на BMW 3-Series не доаѓаат многу значајни визуелни измени – но важно е она што се крие под поклопецот на моторот.

Еден од најважните новитети е кај моделот 318i – во овој модел ќе се вградува 1.5-литарски турбо-бензинец со три цилиндри кој испорачува 136 коњски сили и 220 Nm вртежен момент. Основниот турбодизел ќе биде 316d кој носи 2-литарски турбодизел кој испорачува 116 коњски сили и 220 Nm вртежен момент. Скалило погоре на распоредот е 320i кој останува непроменет, а кај дизелите тука е новиот  318d кој користи нов 2-литарски турбодизел со 150 коњски сили и 320 Nm вртежен момент.

Бензинскиот 328i заминува во пензија, а на неговото место доаѓа 330i кој користи четири-цилиндерски турбо-бензинец кој испорачува 252 коњски сили и 350 Nm вртежен момент. Во понудата влегува и 340i кој користи 3-литарски турбо-бензинец со шест цилиндри кој нуди 326 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. Од друга страна, меѓу дизелите тука се и 320d со 190 коњски сили и 400 Nm, а меѓу дизелите ќе се најдат и 325d, 330d и 335d кои ќе нудат 218, 258 и 313 коњски сили, соодветно. Сите мотори можат да се комбинираат со xDrive погонот на сите четири тркала.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: BMW 128ti е баварски рецепт за хот хеч со погон на предните тркала

Меѓу новите технологии кои ќе се нудат е технологијата за израмнување вртежи кај мануелните вртежи, подобрен автоматски менувач со 8 брзини, можност за LTE интернет врска, нов систем за навигација, нов Head-Up дисплеј и уште многу други ситници.

Секако, не смееме да го заборавиме ниту хибридниот модел, кој ќе ја носи ознаката 330е, и ќе нуди максимални 252 коњски сили и 420 Nm вртежен момент. Кај овој модел, заедно работат 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 184 коњски сили, како и електромотор кој нуди дополнителни 107 коњски сили. Хибридниот модел постигнува 100 километри на час за 6.3 секунди и има максимална брзина од 225 километри на час. Она што е особено интересно е екстремно-ниската потрошувачка која ја ветува BMW за овој модел – која изнесува само 2.1 литар гориво на 100 километри!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.