Ерата на електрични турбополначи започнува – Audi TT Clubsport Turbo Technology! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Ерата на електрични турбополначи започнува – Audi TT Clubsport Turbo Technology!

Германскиот производител на овогодинешниот Wörthersee настан ќе претстави навистина интересен концепт – Audi TT Clubsport Turbo Technology доаѓа со електрични турбополначи!

Концептот ќе има на располагање вкупно 600 коњски сили и 650 Nm вртежен момент, кои ги добива благодарение на 2.5-литарскиот TFSI кој соработува со еден класичен турбополнач и еден електричен турбополнач чија задача е да ја елиминира турбо-дупката и да понуди одлични перформанси од самиот старт. Моќта се пренесува кон сите четири тркала благодарение на Quattro погонот, а фановите ќе се радуваат на рачниот менувач со шест степени на пренос.

Автомобилот тежи само 1396 килограми, а до 100 километри на час достига за само 3.6 секунди. Максималната брзина изнесува одлични 310 километри на час. Инженерите на Audi се особено горди на податокот дека од стоечки старт, автомобилот може да помине 16 метри за само 2.5 секунди – околу шест метри повеќе од автомобил без електричниот турбополнач.

Електричниот турбополнач нуди значителни предности – веднаш ги постигнува максималните вртежи, без било какво забележливо каснење. Електричниот  турбополнач дозволува обичниот турбополнач да биде дизајниран за работа на повисоки вртежи, а со тоа да понуди и повеќе моќност, а за ниски вртежи и ниски брзини тука е електричниот турбополнач кој нуди инстантна реакција и моќ.

За пренесување на електричната енергија Audi TT Clubsport Turbo Technology користи 48-волтен електричен систем, а компактна литиум-јонска батерија е сместена во багажниот простор со цел да складира енергија која се генерира при кочење.

Концептот е цели 15 сантиметри поширок од стандардното Audi TT и носи 20-инчни алуминиумски тркала, зад кои се кријат 370-милиметарски дискови за кочење. Веднаш се забележува екстремниот бодикит и ентериерот кој е целосно фокусиран кон возачот и спортското возење. Екстремниот концепт можеби ќе остане само концепт, но според Dr. Hackenberg, одговорниот за развој во Audi, технологијата е „многу блиску до тоа да биде подготвена за сериска употреба!“



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.