full screen background image
Search

ТЕСТ: Audi A6 2.0 TDI S-Tronic – Комфорен крстосувач гладен за километри!

Германскиот производител неодамна го освежи популарниот А6, а нам тоа ни беше сосема доволен изговор да поминеме неколку дена во големиот премиум седан!

Дали знаевте дека Audi неодамна го фејслифтираше големиот A6? Ако не сте забележале, нема да ви се налутиме – измените се дискретни и повеќе во насока на затегнување на линиите, отколку нешто драстично ново. Ќе забележите нови предни и задни браници, малку изменети светлосни групи и некои ситни детали, но визуелните измени се конзервативни и внимателни – токму она што и се очекува од ваков автомобил.

audi-a6-carclub-rear

Сепак, да одиме по ред – прво да зборуваме за дизајнот. А6 не е нов автомобил – всушност веќе неколку години е на пазарот, а ние се навикнавме да го гледаме на нашите улици. Резервираниот дизајн на Audi можеби не е по сечиј вкус, но нам ни се допаѓаат воздржаноста и чистите линии – кога за неколку години, „врескачките“ дизајни на некои од конкурентите ќе изгледаат претенциозно и застарено, класичните линии и пропорции на моделите на Audi ќе изгледаат безвременски и достоинствено.

audi-a6-carclub-lights

Ни се допаднаа новите предни светла, а особено ни се допаднаа и новите задни светлосни групи кои сега малку затемнети па изгледаат модерно и скапоцено. За да ја комплетираме визуелната претстава за Audi A6, ние најверојатно би го нарачале S-Line пакетот кој доаѓа со поспортски браници, и со сигурност би одбрале број-два поголеми фелни кои подобро ќе ги исполнат крилата на големиот седан.

audi-a6-carclub-interior

Опуштена кабина со висок квалитет и одлични материјали секогаш била една од најсилните страни на А6 – и токму тоа е приказната и тука. Всушност, со самото седнување во возачкото седиште веднаш чувствувате како се опуштате и како инстинктивно почнувате да уживате во прекрасните материјали кои ве обвиваат. Во ред, очигледно е дека дизајнерскиот тим немал премногу работа со освежување на ентериерот на А6, но се забележуваат некои нови детали, како и новиот дисплеј за мултимедијалниот уред кој сега е забележливо поголем и поквалитетен. Седиштата се големи и комфорни и веднаш ве покануваат да се подготвите за подолго патување.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Audi го претстави урбаниот A1 Citycarver

Ергономијата е меѓу најдобрите – веднаш и лесно се наоѓа комфорна возачка позиција, а командите се интуитивни и лесни за навикнување. Всушност, единствената забелешка што ја имаме на ергономијата е „обратната“ поставеност на некои од кружните контролери за мултимедијалниот уред – но забелешките завршуваат тука.

audi-a6-carclub-interior-details

Се впуштаме во возачкото седиште, го стартуваме моторот, го повлекуваме автоматскиот менувач во D и почнуваме да се движиме. Првите импресии се дека ова е комфорен и мирен автомобил, наменет за поминување континенти во еден здив. Дволитарскиот турбодизел работи тивко и рафинирано, без никаков пренос на вибрации во ентериерот – би било срамота да е поинаку. Автоматскиот DSG менувач со двојна спојка суверено си ја работи работата и скоро и да нема потреба од некакви интервенции. Менувањето брзини е супер-мазно и во оној момент кога ќе ја притиснете подлабоко педалата за гас автомобилот ќе почне да забрзува лесно и линеарно, скоро без забележливо паузирање во испораката на сила.

Моторот испорачува 190 коњски сили и 400 Nm, ветува 100 километри на час за 8.4 секунди и максимална брзина од 232 километри на час. Во реалноста, можеби нема да поверувате дека автомобилот навистина забрзува „до стотка“ за 8.4 секунди – но тоа се должи на одличната изолација. Според официјалните бројки, големиот седан би требало да бара само 4.4 литри дизел на 100 километри комбинирано возење, односно 5.2 литри во градски услови, но во реалниот свет и во градски режим на возење можете да очекувате потрошувачка од околу 8 литри дизел на 100 километри.

audi-a6-carclub-nav

Низ град станува јасно дека ова е голем автомобил – ќе треба да потрошите малку повеќе време да најдете паркинг место на кое ќе го собере, а и кога ќе најдете, очекувајте дека еден дел од автомобилот можеби и нема да биде во просторот предвиден за него. Паркинг сензорите (или уште подобро, паркинг камерата) стануваат неопходен дел од опремата, барем ако сакате да си ја заштитите бојата.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Новиот Audi RS6 напаѓа со 600 коњски сили, quattro погон и „стотка“ за 3.6 секунди!

Од друга страна, маневрирањето е лесно и покрај дарежливите димензии. Извадате го А6 од градскиот метеж и насочете го кон свиоци, и ќе се изненадите со леснотијата со која А6 ја менува насоката на движење. Во ред, низ управувачот нема да добиете многу повратни информации – но ова не е спортски седан наменет за такво возење. Донесете го А6 во својата комфорт-зона и ќе ви стане веднаш јасно дека ова е автомобил кој е наменет за патување и кој е гладен за минување илјадници километри – опуштениот карактер на А6 се пронаоѓа самиот себеси на отворен пат!

audi-a6-carclub-interior-rear

Нашиот тестен модел дојде богато опремен, почнувајќи од комфорните седишта обвиени во комбинација од алкантара и кожа и вградено греење, големиот мултимедијален уред со навигација и многу звучници, одличниот клима уред, очекуваната електрика на страничните ретровизори и прозорците, сензорите за светлина и дожд, многуте безбедносни системи и воздушни перници, и уште многу, многу друго.

Секако, доколку одлучите самите да си нарачате автомобил би можеле да добиете и многу повеќе, но и цената лесно оди нагоре. Повторно, ние би препорачале барем еден број поголеми фелни, за визуелната слика да биде комплетна – што понатаму, оставаме на вас.

audi-a6-carclub-front

Ако треба да го опишеме Audi A6 во ова издание – повторно се навраќаме на истите зборови – голем, комфорен, тивок и способен крстосувач. За многумина, 2-литарскиот турбодизел со 190 коњски сили можеби нема да биде доволен, но за секојдневно возење моторот се покажува како адекватен и штедлив партнер. Доколку одите чекор погоре на листата на мотори ќе добиете и Quattro погон на сите четири тркала, кој дополнително ќе ви ја зголеми довербата во автомобилот и ќе го направи уште поподготвен за преџвакување на голем број километри, но и со погон само на предните тркала A6 е повеќе од способен и доверлив партнер.

Поврзано:   Audi најавува нов RS модел - најверојатно новиот RS6 Avant!

На располагање ќе имате 530 литри багажен простор кои нараснуваат на 995 литри со спуштени задни седишта, а доколку имате потреба од уште повеќе простор, тука е и привлечниот Avant – кој нуди 565, односно импресивни 1680 литри во багажникот!

audi-a6-carclub-rear-trunk

audi-a6-euroncap

Завршуваме со заклучокот дека А6 сосем заслужено е меѓу најпопуларните модели во овој сегмент. Германските и Јапонските ривали се силни, па и адутите на било кој автомобил во овој сегмент мораат да бидат силни. Audi настапува самоуверено со А6 и благодарение на привлечниот дизајн, квалитетниот ентериер и широката понуда на мотори има силен кандидат. Секојдневниот живот со А6 е лесен (ако се навикнете на големината, секако) а патувањето комфорно и пријатно. Вистински кростосувач, гладен за километри!

  • 2-литарски турбо-дизелски мотор, 4 цилиндри
  • Моќност: 190 коњски сили / 3800 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 400 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 232 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.4 секунди
  • Должина: 4920 mm
  • Ширина: 1870 mm (со ретровизори)
  • Висина: 1460 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2912 mm
  • Багажен простор: 530 литри
  • Потрошувачка: 5.2 (официјална, комбинирана), 8.0 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Audi A6 2.0 TDI Ultra S-Tronic – 60.158 Евра
  • Повеќе информации: audi.com.mk

 Фотографија: Димитар Атанасов



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.