Ова што го гледаме е новиот концепт кој Peugeot ќе го претстави во Париз – хибриден кросовер кој има на располагање 500 коњски сили!
Според она што Peugeot го најавува, Quartz е кросовер со погон развиен од страна на Peugeot Sport и ветува „удар кој го очекуваме од модели со високи перформанси“. Храбри зборови – но за што всушност се работи?
Под (признаваме, прекрасното) тело се крие EMP2 платформата која PSA веќе ја користи за новите Peugeot 308 и Citroen C4 Picasso. Предните тркала ги придвижува одличниот 1.6-литарски турбо-бензинец со 270 коњски сили позајмен од Peugeot RCZ R, а за дополнителна мотивација тука се уште два електромотори – еден за предната оска, еден за задната. Моќта се пренесува преу 6-степен автоматски менувач. Кога е во Race режим на работа, кросоверот има на располагање дури 500 коњски сили! Значителна бројка.
Концептот е долг 4.5 метри, широк 2 метри, има големи 23-инчни тркала, вертикални врати и уште многу ситни детали кои сугерираат спортско искуство. Предниот дел е во сива боја, а задниот дел е во мат црна, додека насекаде се забележуваат црвени детали. Ова е уште еден одличен концепт во серијата концепти на Peugeot – Onyx и Exalt, како и налудничавиот DKR концепт. Да се надеваме дека нешто од ова ќе оди во сериско производство!