ТЕСТ: Škoda Yeti 2.0 TDI Adventure – Подготвен за секакви авантури! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Škoda Yeti 2.0 TDI Adventure – Подготвен за секакви авантури!

Урбаниот теренец на Škoda ни е еден од омилените автомобили и навистина уживавме во можноста да поминеме неколку дена со освежената верзија на Yeti.

Неодамна освежениот урбан SUV на Škoda помина неколку дена во нашите раце. Ова не е наш прв контакт со Yeti, но ја искористивме можноста повторно да се потсетиме на неговите вистински квалитети. Уште на самиот почеток ќе нагласиме дека ова е можеби еден од најдобрите автомобили кои во моментов се нудат на Македонскиот пазар. Да, како и сите други,и Yeti има свои недостатоци, но сè на сè Yeti е комплетен, практичен и робустен автомобил кој е подготвен за сите предизвици на урбаното живеење, но и за напуштање на градскиот асфалт и храбро истражување на непознатото.

skoda-yeti-carclub-rear

Сепак, да започнеме од она што е најзабележливо – новото „лице“ на Yeti. Многумина ќе кажат дека со фејслифтот, Yeti како да изгуби малку од својот идентитет – и најверојатно ќе бидат во право. Веќе го нема уникатното предно лице на Yeti, кое сега е заменето со дизајн кој малку подобро се вклопува со дизајнот на останатите модели на Škoda. Yeti сега изгледа малку посериозно, позрело и повозрасно – стануваат очигледни намерите на Škoda да го позиционира Yeti како автомобил кој е подготвен за сите предизвици. Дискретни измени има и на задниот дел, но трепнете и ќе ги пропуштите – ова е старата, добра, функционална и практична форма која добро ја познаваме.

skoda-yeti-carclub-haaay

Со фејслифтот, Škoda реши да понуди две засебни верзии на Yeti. Едната е онаа која веќе ја познаваме (и која ја тестиравме), но истовремено ја нуди и верзијата Outdoor која е малку поподготвена за напуштање на асфалтот благодарение на дополнителната пластична заштита и неколку ситеми за помош при теренско возење.

Новитет е и Haldex V системот за погон на сите четири тркала кој е поефикасен и полесен.Електронската блокада на диференцијалот му овозможува на Yeti да освои терени кои се обично резервирани за значително поголеми теренци.

Поврзано:  Новиот, поголем и уште понапреден Škoda Kodiaq пристигна во Македонија!

skoda-yeti-carclub-mix1

Приказната за екстериерот продолжува и внатре. Седењето е високо и комфорно, а директен резултат на високото седење и правилната форма е одличната прегледност. Единствена замерка на прегледноста е дебелиот Б-столб, кој малку пречи, но по само неколку изминати километри се навикнавме да ги користиме страничните ретровизори кои го надоместуваат овој недостаток. Сите контроли се јасни и лесни за користење (сепак добро ги познаваме и од другите модели на Volkswagen групацијата), а материјалите кои се користени во внатрешноста се со прилично добар квалитет. Завршната обработка е повеќе од задоволителна и Yeti е навистина пријатно место во кое може да се поминува времето.

skoda-yeti-carclub-interior2

Нашиот модел беше во промотивниот Adventure пакет на опрема, а тоа значи управувач обложен со кожа, контроли на управувачот, голем мултимедијален уред чувствителен на допир, двозонски клима уред, електрика на предните и задните прозорци и уште неколку ситници – но сосема доволно за да се чувствуваме комфорно. Недостасува единствено темпомат, за да можеме да речеме дека нашиот тестен модел беше навистина целосно опремен.

На задната клупа има сосема доволно место да седнат тројца возрасни, па и на подолги патувања. Нè израдува централниот потпирач за раце кој кога е спуштен нуди и места за ставање чаши и дребулии. Малку нè разочара малиот багажен простор – иако не се малку, очекувавме повеќе од 322-те литри (или 1580 со спуштени задни седишта). Но, задната клупа може да се придвижи нанапред по потреба, па така се добиваат нешто повеќе корисни 416 литри багажен простор. Особено практични се Varioflex задните седишта – овој систем дозволува седиштата да бидат индивидуално поместени, преклопени или целосно извадени. Извадете ги целосно задните седишта и имате на располагање импресивни 1760 литри багажен простор!

skoda-yeti-carclub-mix2

Yeti лесно се движи низ градските улици – сепак зборуваме за автомобил кој остава отисок како просечен фамилијарен хечбек. Благодарение на повисоката суспензија и поголемиот профил на гумите, Yeti лесно ги впива нерамнините од нашите „прекрасни“ улици па возењето е опуштено. Управувањето не е толку директно како кај обичен автомобил, но не ни треба да биде – сепак тука зборуваме за возило со теренски амбиции! На отворен пат малку е зголемена бучавоста, но во ниту еден момент не е премногу бучно. Малку поголемата бучавост може и да се очекува, со оглед на формата на возилото.

Нашиот тестен автомобил беше опремен со 2-литарски TDI со 110 коњски сили кои се пренесуваа исклучиво кон предните тркала преку 5-степен мануелен менувач. Да, би сакале да беше посилниот, 140-коњски мотор со погон на сите четири тркала, но сепак и вака опремен Yeti успеа да нè изненади со своите способности – успеа да се искачи на места на кои не верувавме дека ќе му бидат достапни.

Поврзано:  Пристигна освежената Škoda Octavia!

skoda-yeti-carclub-rear2

Како што веќе напоменавме, моторот нуди 110 коњски сили и 250 Nm вртежен момент достапни од 1500 до 2500 вртежи во минута. Забрзувањето до 100 километри на час трае 11.6 секунди а максималната брзина изнесува 177 километри на час. Далеку од перформанси од кои застанува здивот, но чувството е дека Yeti забрзува побрзо од тоа што бројките кажуваат. Би сакале малку појак мотор, но сепак и ова е доволно за скоро сите ситуации. Измеривме просечна потрошувачка во градски услови од околу 6.8 литри на 100 изминати километри – бројка која е блиску до официјалната од 6.4 литри на 100 километри.

skoda-yeti-carclub-dust

Škoda Yeti е вистински фамилијарен автомобил подготвен за сите годишни времиња и предизвици. На фамилијарните купувачи ќе им биде особено значаен и одличниот резултат на EuroNCAP тестирањата каде Yeti освои 5 ѕвездички. Прегледноста, оф-роуд способностите, комфорното возење и практичноста го прават Yeti вистински погодок за скоро сите ситуации. Ситните недостатоци лесно се компензираат, а дури и неколку години по своето претставување Yeti е повеќе од компетитивен продукт. Да, годините почнуваат „да се приметуваат,“ но Yeti тврдоглаво се бори со конкуренцијата и не дозволува премногу да му се приближат.

Škoda Yeti е навистина подготвен за секакви авантури!

  • 2-литарски турбо-дизелски агрегат
  • Моќност: 110 коњски сили / 4200 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 250 Nm / 1500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 177 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.6 секунди
  • Должина: 4222 mm
  • Ширина: 1793 mm
  • Висина: 1691 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2578 mm
  • Багажен простор: 416 литри
  • Потрошувачка:  6.8 литри на 100 км (измерена)
  • Цена на тестираниот модел: Skoda Yeti 2.0 TDI 110 Adventure – 17.950 Еврa
    Повеќе информации: Skoda.com.mk
Поврзано:  Новиот, поголем и уште понапреден Škoda Kodiaq пристигна во Македонија!

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.