Volkswagen Karmann Ghia – еден од оние, посебните автомобили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Volkswagen Karmann Ghia – еден од оние, посебните автомобили!

Кога зборуваме за автомобилите од минатото, секогаш со посебен вид на љубов зборуваме за Karmann Ghia – еден од најубавите автомобили на сите времиња!

Многу одамна, новинарите или авто-журналистите имале многу интересна задача. Во тоа време имало стотици производители на автомобили кои се труделе да направат нешто ново и имале навистина храбри „иновации.“ Осовините ги сместувале под задно седиште, вентилите кај ветробранското стакло, менувачите биле превртени наопаку и место 100 октанско гориво користеле средство против кашлица – ама за возрасни!

Оттука произлегувала интересната задача на новинарот. Тоа било неколкучасовен разговор со главниот инженер, кој пушејќи луле и пиејќи кафе се обидувал да објасни зошто го поврзал менувачот со воланот и како тоа подобро би функционирало. Тоа биле денови кога најневажен детаљ било за колку време автомобилот го поминува Nürburgring или колку е добар корисничкиот интерфејс на мултимедијалниот уред.

Денес изборот на автомобил е всушност малку ограничен. Благодарение на разно-разните легислативи и фокус-групи, сите автомобили наликуваат еден на друг, и што и да одберете на крајот повторно ќе се запрашате – „Дали ова е автомобилот за мене?“

vw-karmann-ghia-silver

Соочени со таа вистина, неминовно започнуваме да ги прелистуваме старите автомобилски магазини кои се дел од неизбежната „архива“ на секој автомобилски ентузијаст. Во делот за оние заборавените убавици, ќе налетате на еден прекрасен видик, на една носталгија, на едно прекрасно зајдисонце, а покрај банкината на самиот автопат е паркиран црвен VW Karmann Ghia во кабрио изведба.

„Typ 14“ – како што е познат овој модел, дебитира во 1953 година на Париското мотор шоу. Како основа била земена шасијата и механиката на VW Буба, стилизирана од познатиот Luigi Segre, а произведена во погоните на компанијата Karmann во Оснабрик, Германија. Автомобилот бил толку различен – што при самото негово претставување, кај Германците предизвика вистинска револуција. Тоа беше автомобил кој се продаде во 10.000 примероци уште во првата година од производство!

vw-karmann-ghia-red-convertible

За разлика од Бубата, Karmann Ghia бил во добар дел рачно изработен. Мајсторите во Karmann користеле чеканчиња, поинаков тип на заварувањее на школката, па во добар дел на случаите и англиско тркало. Секоја школка била усовршувана до перфекција, перфекција која да се произведе барала долго време. Преку Karmann Ghia, концептот на Ferdinand Porsche добива своја италијанска убавина. Од моторот не го слушате германското мрморење, туку шепотот на згодната Италијанка Bella, која ви спие на вашето рамо додека се упатувате од Неапол до Поситано.

Поврзано:   Македонска премиера на целосно-електричниот Volkswagen ID.7!

Во сета оваа прекрасна приказна, се начнува прашењето – Колку коњски сили? За жал морам да ве разочарам, спрема модерните стандарди, а и горе долу спрема тогашните – не многу!

Karmann Ghia доаѓал со 3 моторни изведби и тоа 1200, 1300 и 1600, односно исто како и Бубата, нудејќи од 32 до 65 коњски сили на задните тркала. Се разбира, тоа е ништо во споредба со една Lancia, Alfa Romeo, па дури и Fiat, но Karmann Ghia не бил замислен како автомобил со кои влегувате вртоглаво во кривини. Тој било автомобил во која Bella нема да ви ги закачи ноктите во лице бидејќи возите пребрзо и нема да ви ја уништи насмевката од менувањето на брзините по кривините. Таа ќе штрака со апаратот седната до вас, ќе го опишува зајдисонцето, ќе ја препушти косата на ветерот што дува по Via Nastro Azzuro.

vw-karmann-ghia-convertible-rear

Горе долу ја разбирате идејата со која и го започнав текстот. Karmann Ghia е еден од тие автомобили на кој не можете да му дадете форма, едноставно не ја собира ни на полицата каде стојат сите разумни и автомобили за народот, поради својот изглед, она со што на луѓето околу вас им го шлапнувате во лице, додека се возите на улица со него. Тоа е автомобил, за кого радо би седел заедно со Луиџи и Фердинанд и би дебатирале со саати пиејќи пиво, и би се расправале, што е она што е поважно, формата или функцијата.

vw-karmann-ghia-interior

Овој автомобил е од ера кога произведувачите знаеле што е она што го прави производот да биде привлечен, а не практичен, да биде убав, а не разумен, да се расипе, но не да ве остави на сред пустелија. Затоа Karmann Ghia не е како никој модерен автомобил. Тој е далеку подобар. Едноставно во очите на минувачите тоа е прослава на способноста човек да биде среќен, исполнет, возбуден и полн со живот.

Поврзано:   Volkswagen го најавува освежениот Golf GTI и го покажа новиот ентериер на спортскиот хечбек

Речиси 20 години (1955-1974) производство во неколку изведби меѓу кои и прекрасниот Typ 34, од фабриките во Германија и Бразил се истркалале речиси половина милион примероци. Во нашата земја постојат само неколку од нив, од кои само еден е во одлична и возна состојба.

vw-karmann-ghia-red

За еден примерок на ваков автомобил потребни ви се барем 5.000 евра, па се до 50.000 евра за примерок кој не само што е во подобра состојба од фабричката, туку и излечен е од симптомите на слаба моќност. Постојат и неколку примероци кои ја надминуваат и границата од 100.000 евра, чија завршна обработка е на завидно ниво, а на располагање ви е еден од најмодерните мотори од Porsche 911.

Karmann Ghia е автомобил кој никогаш не бил изложен на CAE софтверите, никогаш не била ставена во прашање неговата практичност, неговата моќност, а најмалку неговата убавина. Затоа е еден од најубавите автомобили во историјата!

Подготви: Михајло Стојановски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.